ВМРО ДПМНЕ: СДСМ жали што на законит начин е сменет некадарен партиски директор на градинка од овластен ревизор кој бил ангажиран и од претходникот Борче Георгиевски

И по 120 дена ниту еден градоначалник на СДСМ и ДУИ не излегоа со отчет за сработеното. Наместо тоа СДСМ денес најави скандал, а во реалноста не видовме ниту жижалица, а не пак петарда или бомба. Видовме како СДСМ жали што на законит начин е сменет некадарен партиски директор на градинка од овластен ревизор, се вели во соопштението од ВМРО ДПМНЕ.

Во продолжение го пренесуваме истото во целост:

По теркот на тоа што сме навикнати од СДСМ денес не видовме како некој договара бизнис од 200 илјади евра како што тоа пред камера го правеше лидерот на СДСМ Зоран Заев, евро за него евро за вицето. Не видовме ниту грабање на туце пари како што тоа го направи директорот на власта Ден Дончев кој го пуштија да избега. Не видовме ниту договарање и продажба на софтвер сам на себе како тоа што го правеше Рашкоски.

Видовме бајат случај, каде СДСМ се жали што е сменет директор нивен партиски кадар кој несовесно си ја работел работата. Истиот тој ревизор за кој СДСМ вели дека е спорен бил претходно ангажиран од нивниот градоначалник Борче Горгиевски за кого исто така правел ревизија. Притоа СДСМ жали за тоа што е сменет нивен партиски кадар од позицијата директор, а не ги кажува прекршувањата на правилата, престапите и злоупотребите што биле правени од истиот тој директор.

Ова не е ништо другу туку дефокус од актуелните скандали за претходниот кадар на СДСМ и градоначалник на Гази Баба, Борче Горгиевски против кого има повеќе активни истраги и кривични пријави, и за кого и државната антикорупциска комисија побара да се поведе кривична одговорност за изградбата на парцелата на Електроелемент.

Главната болка е што за само 100 дена општината Гази Баба и градоначалникот Боби Стефковски отпочна низа капитални проекти, и реализира значајни градежни зафати со кои решава децениски проблеми за граѓаните на Гази Баба. Тоа нема да ги поколеба градоначалниците на ВМРО-ДПМНЕ и покрај силните опструкции од Централната власт да престанат да работат. Промените започнаа, и тие ќе донесат иднина.