Билал Касами останува на лидерската позиција на движењето Беса, а досегашниот партиски секретар Адријанит Хоџа е избран за заменик-претседател.
На Вториот конгрес на партијата, што се одржа денеска во Скопје Касами немал противкандидат.
-За мене тоа е голема чест истовремено и одговорност да бидам на чело на една партија која докажа дека е доследна на принципите за кои се залага дека е заштитник на сите на кои им се прави неправда, рече Касами.
Со изборот на заменик претседател, додаде тој, партијата го зајакнува раководство со што се подготвува и понатаму да се бори за правата на Албанците и на сите граѓани кои имаат потреба од нивната поддршка.
– Ние докажавме дека иако имавме многу проблеми со кои се соочивме во минатото дека не потклекнуваме и не запираме, туку продолжуваме уште посилно напред. Ќе се залагаме за еднаквост, слобода и за продолжување на патот кон целосна интеграција на Македонија во ЕУ. Ова особено после последните случувања во Украина, за кои ние сме убедени дека посилно треба да се залагаме за целосно зачленување во ЕУ, затоа што само така ќе бидеме побезбедни и ќе можеме да создадеме подобра иднина и подобри услови за нашите граѓани, порача Касами.
Тој најави дека ќе се залагаат и за што побрзо одржување на предвремени избори, затоа што, според БЕСА, оваа власт не е спремна да ги заштити интересите на граѓаните, особено во овие тешки околности во кои што се наоѓаме.
Тој најави дека на првиот состанок на Централниот одбор ќе биде избрано ново Централното претседателство на движењето.
Запрашан дали на следните избори БЕСА ќе настапи самостојно или во коалиција со Алијансата за Албанците, Касами нагласи дека партијата се залага за здружување на опозициските партии ориентација, но доколку не дојде до тоа, подготвени се да излезат сами на избори.
– Движењето Беса покажа дека е заинтересирана за соработка и обединување на албанската опозиција, но не се плашиме и сами да одиме на избори, истакна Касами.