Последните податоци од Анкетата на работна сила на Државниот завод за статистика (ДЗС) кои ги објави вчера, покажуваат дека за прв пат од нашето постоење како независна држава исчезнуваме како нација. Долгогодишниот тренд на иселување од државата, особено на младите, заедно со опаѓачката стапка на наталитет за коишто ништо не направи оваа Влада, плус и данокот којшто го зема пандемијата со починати 9.065 лица заради неуспешното справување на здравствените власти се рефлектира за прв пат во намалување на работоспособно население.
Владата не презема ништо за да го смени негативниот тек на демографските промени кои ни се закануваат да исчезнеме како нација. Намалувањето на бројот на младите во вкупната работоспособна популација значи намален потенцијал за иден раст и зголемен ризик за економијата, во која населението старее и се повеќе зависи од државата. Интензитетот на зголемување на старосната зависност е двојно засилен во последните пет години, при што стапката достигна 21,1% во 2020 година.
Последните податоци од Анкетата на работна сила на ДЗС заклучно со последниот квартал на 2021 година покажаа на негативни трендови на пазарот на труд од почетокот на кризата со ковид-19 (прв квартал на 2020 година). Вкупното работоспособно население е намалено за 3.373 лица, додека активното население (збир од вработените и невработените лица) за високи 30.251 лица, при намалување на вработените за 15.830 и на невработените за 14.421. Остатокот од вкупното работоспособно население се неактивните лица чиј број е зголемен за 26.878, што покажува дека лицата кои останале без работа и кои биле невработени и пред кризата, сега се неактивни односно не бараат работа.
Затоа стапката на активност од 57,4% во првиот квартал на 2020 година се сведе на 55,7% во последниот квартал на 2021 година, додека стапката на невработеност од 16,2% на 15,2%. Намалувањето на стапката на невработеност во никој случај не укажува на подобрени состојби на пазарот на труд во услови кога, бројот на вработени се намалува, а намалувањето на невработените НЕ е зошто истите се вработуваат, туку зошто се префрлаат во неактивни – демотивирани да бараат работа!
Но, уште повеќе загрижува фактот што намалувањето на вработените е исклучиво во приватниот сектор, каде бројот е намален за 27.996 лица, додека бројот на вработени во субјектите со друга сопственост е зголемен 12.166 лица. Според ДЗС во друга сопственост влегуваат: мешовита, задружна и државна сопственост.
Првите два облика на сопственост се малку застапени во нашата држава, што значи дека промените во друга сопственост во најголем дел се рефлексија на движењата на вработените во јавниот сектор. Така, бројот на вработени во јавна управа и одбрана од почетокот на пандемијата е зголемен за 8.093 лица, во дејноста здравствена и социјална заштита за 4.856 лица и во дејноста снабдување со вода, отстранување на отпадни води за 3.908 лица.
Намалување на бројот на вработени има во државното образование за 803 лица и во дејноста снабдување со електрична енергија, гас, пареа и климатизација за 1.736 лица. Ако се соберат сите овие дејности кои во најголем дел се во јавен сектор, тогаш од почетокот на кризата со ковид-19 до крајот на 2021 година вработените во јавниот сектор се зголемиле за околу 14.300 лица.
Наспроти заложбата да се отвораат работни места во приватниот сектор, како и да се намалува старосната зависност, дејствувањето на оваа Влада ги засилува негативните трендови на пазарот на труд и демографски промени, кои веќе се висок трошок за економијата.