Цените на нафтата се приближуваат до историскиот максимум

0
264

Цените на нафтата продолжуваат да растат откако забраната на САД за увоз на руска енергија и планот на Велика Британија постепено да го укине тој увоз од Русија до крајот на годината, ја зголемија загриженоста дека глобалната понуда ќе биде значително помала.

Европската нафта Брент за испорака во следните месеци (фјучерс договори) поскапе за 2,17 долари или 1,7 отсто, на 130,15 долари за барел на вечерашното тргување во Азија, по скок од 3,9 отсто претходниот ден, пренесува Ројтерс.

Американската сурова нафта WTI зајакна за 1,57 долари, или 1,3 отсто, на 125,27 долари за барел, продолжувајќи го својот раст од вторникот кога порасна за 3,6 отсто.

Вчера американскиот претседател Џо Бајден воведе итна забрана за увоз на руска нафта и други енергетски извори, а Британија најави дека постепено ќе го укине увозот на „црното злато“ од Русија до крајот на 2022 година.

Цените на нафтата се зголемија за повеќе од 30 отсто откако Русија, вториот по големина светски извозник на тие суровини, почна воена акција во Украина. Стравот од натамошни прекини во снабдувањето со нафта поради ескалацијата на санкциите против Москва ги поттикна купувањата, велат аналитичарите.

Сепак, тие оценуваат дека наскоро ќе се забавaт шпекулативните набавки, бидејќи земјите од северната хемисфера влегуваат во пролет кога се намалува побарувачката на гориво.

Цените на нафтата се искачија на највисокото ниво од јули 2008 година во понеделникот, при што Брент достигна 139,13 долари за барел, а WTI достигна 130,50 долари.

Извор: Република