Владата донесе пакет од 26 мерки и препораки за ублажување на последиците од економската криза и руско-украинскиот конфликт. Мерките се наменети за граѓаните и за компаниите со цел да се сочува животниот стандард на граѓани и ликвидноста на компаниите.
Дел од мерките се намалување на повластената стапка на ДДВ за основните прехранбени производи на нула проценти и тоа ќе важи за лебот, шеќерот, брашно тип 400, зејтин, трајно млеко, свежо месо, ориз и јајца. Се замрзнуваат и маржите за основните прехранбени производи. Предвидени се и ваучери во вредност од илјада денари за купување на основните прехрабени производи за ранливите категории.
„Предизвиците пред нас се огромни. Во услови на постпандемија се соочуваме со најголемата економска криза која Европа и светот ја паметат во поново време. На глобално ниво растот на трошоците на храната и на енергенсите како резултат на воената агресија на Русија на Украина го чувствуваме и ние денес и сега. Дисбалансот на цените на основните продукти и енергенси не засега и нас. Ова ќе биде тешка година, но со добри мерки и политики ќе ја премостиме“, порача премиерот Димитар Ковачевски на прес-конференцијата во Владата.
Тој појасни дека дел од мерките и препораките, особено во делот на акцизата, во делот на ДДВ-то треба да се направат измени во законите за акцизата и за ДДВ, а тие, како што рече, веднаш ќе бидат пратени во Собранието.
извор/фото: Радио Слободна Европа