Граѓаните и компаниите ги живеат своите најтешки денови, а за тоа единствен виновник е Владата, која наместо да реагира навремено и брзо доцни со сите свои одлуки. Кризата која ја живееме сега не е резултат само на последните неколку месеци, туку беше предизвикана со зголемување на цената на струјата во 2020 година, што продолжи во 2021 година, но и со континуираното зголемување на цените на енергенсите, преку зголемување на акцизата., истакна Гордана Димитриеска Кочоска од ВМРО ДПМНЕ.
Во продолжение ја пренесуваме прес конференцијата во целост:
Порастот на цените поинтензивно започна во 2021 година но владата ништо не презема да го спречи тоа. Напротив, Владата на СДСМ и ДУИ се однесуваше неодговорно и кога сите во регионот ги полнеа стоковите резерви со пченица, брашно, зејтин, сол, енергенси и други неопходни продукти, тие трошеа на набавки на мебел, и други непродуктивни трошоци за што од 1 ноември до сега имаат платено милионски износи.
Прашувам дали во услови на криза беше неопходно да се набавува канцелариски мебел во министерството за внатрешни работи во износ од 15,4 милиони денари, или беше неопходно да се прави јавна набавка за собранието за услуга мобилна телефонија во износ од 11,800 милиони денари.
Зошто премиерот на пресот кога ги презентираше мерките кажа дека нема набавка на мебел кога гледаме дека има, зошто кажа дека тековните расходи со буџетот за 2022 година ги намалил кога реалноста е дека се зголемени?
За што потроши државата повеќе 37 милиони евра или 47% од ставката стоки и услуги во последниот квартал од 2021 во однос на 2020? Таа иста ставка е поголема за 76 милиони евра на годишни ниво во однос на цела 2020 година.
Почитувани, едно зборуваат пред вас, друга прават зад вас.
Од таа причина ВМРО-ДПМНЕ бараше намалување на акцизата за 50% со цел бенефит да имаат сите а најмногу граѓаните.
Да потсетиме покачувањето на акцизата до рекордно ниво го донесе токму оваа влада која три пати покачуваше акциза, а сега кога треба да им излезе во пресрет на граѓаните и компаниите предлага некој весели математики, а повторно реалноста зад завесите е друга.
Предлогот на ВМРО-ДПМНЕ значи потреба од ребаланс и намалување на непродуктивните трошоци.
Предлогот на Владата значи дека не сакаат да се откажат од приходите затоа што не сакаат да кратат на расходите. Не сакаат да се откажат од својот извор на корупција.
Бараме под итно да се прифати предлогот на ВМРО-ДПМНЕ за акцизата и итно да се направи ребаланс на буџетот при што ќе се крати на расходната страна односно сите непродуктивни трошења ќе се избришат.