Над 77 проценти од докторите лани биле физички или вербално нападнати – лекарската комора бара измени на Кривичниот законик

Над 77 проценти од анкетираните доктори од Лекарската комора на Северна Македонија (ЛКСМ) во 2021 година доживееле физичко или вербално насилство на работното место. Претседателката на ЛКСМ, Калина Гривчева – Старделова, овие податоци ги објави денеска на одбележувањето на Европскиот ден за подигање на свеста за насилството врз лекарите и другите здравствени работници, при што посочи дека ова бројка не е за занемарување. Со анкетата биле опфатени вкупно 1061 испитаник, однос членови на ЛКСМ.

– Знаеме дека тоа е во рамките на светските случувања врз здравствените работници, но не би сакале да го доживуваме тоа секојдневно, не би сакале нашата работа да е поврзана со страв кога имаме комуникација со пациенти. Не сме добри доктори ако работиме под таков притисок, ниту стоматолози, ниту фармацевти. Дефинитивно би сакале да се направи некакво поместување, да сме покомотни и да можеме мирно да си ја работиме својата работа, рече Гривчева – Старделова.

Министерот за здравство Беким Сали, во својот говор по повод Европскиот ден за подигање на свеста за насилството врз лекарите и другите здравствени работници, потсети дека во пандемијата со коронавирусот здравствените работници беа на првата линија на борба со вирусот и нивната улога вклучувајќи ја пружената грижа за пациентите е клучна во справувањето со Ковид-19.

– Недозволиво е во 21 век да има ситуации на напади врз лекари така што со целиот свој авторитет ќе се заложам за поголема заштита на лекарите и сите здравствени работници. Како што веќе знаете во процедура е усогласувањето на Законот за здравствена заштита со Кривичниот законик во делот на казнените одредби и за напади врз службените лица. Јас од позиција на министер, но и како доктор ќе се заложам максимално заедно со стручната фела за овие законски измени да бидат што побрзо и побргу да бидат во имплементација, изјави министерот Сали.

Тој воедно посочи дека Министерството за здравство е во постојана комуникација со ЛКСМ, со Стоматолошката и Фармацевтската комора, односно со сите три комори е веќе потпишан Меморандум за соработка, а сето тоа во интерес на здравствените работници и во интерес на пациентите.