Поминаа 60 дена откако Оливер Спасовски беше реизбран за министер за внатрешни работи, а овие 60 дена криминалот буквално метастазираше. Впрочем како што и претходните 4 години мандат на Спасовски во МВР царуваше криминалот, така, па и уште полошо, продолжи во овие 60 дена. Ако милевме дека видовме се од неспособноста на Спасовски до сега, од делење на 215 пасоши на белосветски криминалци, до фаќање на полициски началник со дрога од страна на американската ДЕА, сега во овие 60 дена гледаме дека Спасовски може и полошо, истакна на денешната прес-конференција Бране Петрушевски, пратеник на ВМРО-ДПМНЕ.
Во продолжение ја пренесуваме прес конференцијата во целост:
Од јануари до денес на територија во Скопје имаме преку 50 разбојнички кражби како од криминалистичките филмови. Буквално во секоја општина секојдневно криминалците пљачкаат со употреба на калашникови, сред бел ден ограбуваат продавници, банки, кладилници, приватни бизнисмени, куќи, легнуваат вработени по земја, ги тепаат, ги малтерираат и со парите си одат како ништо да не било. Таков беше и последниот случај со ограбувањето на банка во Скопје во кој учествувале полицаец и наркобос кој требало да биде во куќен притвор.
Спасовски треба да каже зошто криминалците се чувствуваат вака слободни и заштитени да прават дрски вооружени грабежи.
На ниво на цела Македонија за само два месеци има над 3.500 кривични настани и тешки кражби каде Битола и Велес водат по сите параметри, или ако сакате попрецизно за овој период од два месеци само во Скопје имало 516, во Битола 300, Велес 110 тешки кражби и илјадници други дела.
Ова е неуспехот на Спасовски. Ова е цената која граѓаните ја плаќаат поради неспособноста на Спасовски. Спасовски е одговорен зошто во Македонија наместо владеење на правото гледаме дивеење на криминалот. Спасовски е одговорен зошто дел од полицијата е во коалиција со криминалот, а дел е нем сведок на зулумот кој се случува.
Се додека Спасовски е на чело на МВР, до тогаш граѓаните ќе бидат небезбедни, а криминалците ќе бидат конфорни.