Протест на НСП и НСОН за усогласување на платите со минималната плата – Платите ни се мизерни

Со протестен марш од паркингот кај хотелот „Вип“ до платото пред зградата на Владата Независниот синдикат за образование и наука (НСОН) и Независниот синдикат на полицијата (НСП) го искажаа барањето за усогласување на платите на вработените во секторите образование и полиција во пресметките со сега утврдениот повисок износ на минималната плата, согласно колективните договори. Никаде во регионот платите на вработените не се пониски од просечната плата во државата, беше речено на протестот и најавена е можноста да се инсталира камп пред Владата, објави Република.

Претседателот на НСОН, Томислав Гиевски рече дека на протестот се појавија голем број на просветни работници револтирани поради нивната ниска потпросечна плата и поради начинот на кој што се одбегнува пресметката за плата повеќе од една деценија во секторот образование.

Ако во земјава сега минималната плата е утврдена на 18.000 денари, повикуваме и најавуваме во уште поголем број ќе излегуваме на протести доколку не се најде решениети просветниот работник да добие достоинствена плата согласно законите и согласно животниот стандард – рече Гиевски нагласувајќи дека очекува да се разбуди свеста кај Владата и дека платите конечно ќе се помрднат, потсетувајќи ја дека рокот што ѝ бил даден на Владата истекува денеска.

Можно е да се инсталира и камп за протестирање, кажаа присутните на протестот.

Почетната плата на наставник и на стручен соработник во секторот образование изнесува 24.800 денари, што е за околу 5.200 денари под моменталната просечна плата. Тоа е далеку под републичкиот просек и е недостоинствена плата за кадарот кој ги образува нашите деца – нагласи Гиевски и информира дека во регионот никаде платите на наставниците не се под просекот во државата.

извор и фото: Република.