Премиерот Димитар Ковачевски заедно со министерот за економија Крешник Бектеши остварија средба со раководството и вработените во производните капацитети на нашиот национален бренд „Витаминка“ од Прилеп со традиција од над 60 години постоење.
Премиерот Ковачевски по обиколката на производството истакна дека и во услови на криза Владата ги поддржува компаниите кои се охрабрени да инвестираат и да придонесуваат во развојот на севкупната економија.
„Оваа реномирана компанија ги користи придобивките на Законот за финансиска поддршка на инвестициите, како и на владината мерка за финансиска поддршка за зајакнување на конкурентноста на деловните субјекти во пост КОВИД периодот. По основа на оваа мерка речиси 400 компании, добија вкупна финансиска поддршка во износ од 17,2 милиони евра. „Витаминка“ е компанија која вложува во нови вработувања, реализира капитални инвестиции, ја зголемува конкурентноста и освојува нови пазари. Токму затоа и ги исполнува условите за користење на средства овозможени со Законот за финансиска поддршка за инвестициите преку кој пак поддршка добија повеќе од 350 компании во земјата. Петгодишниот инвестициски проект на „Витаминка“ треба да се реализира до крајот на годината. Досега се инвестирани 419 милиони денари, а согласно планот, инвестицијата ќе достигне 702 милиони денари. До овој момент исплатената државна помош изнесува 68 милиони денари. Со Планот за економски раст, кој е во функција токму преку Законот за финансиска поддршка на инвестиции и Среднорочната програма за поддршка на микро, мали и средни компании на Фондот за иновации и технолошки развој, само во 2021 година, македонското стопанство е подржано со 48,5 милиони евра“, изјави Ковачевски и потсети дека беа донесени и имплементирани шест пакети антикризни мерки, кои се проценети на вредност од околу 1,2 милијарди евра, за спас на работните места и одржување на ликвидноста на компаниите.
Ковачевски додаде дека поддршката за стопанството и граѓаните продолжува и во период на пост пандемија со пакет мерки во вредност од 400 милиони евра.
„Во услови кога цените за горивата на светските берзи секојдневно растат, преку намалувањето на ДДВ-то и на акцизите ги избегнавме ценовните шокови, и ние денес имаме најевтини горива во регионот што е особено добредојдено и за граѓаните и за компаниите. Намаленото ДДВ за основни производи на 0% како и замрзнувањето на маржите овозможи цените на овие производи да не пораснат наднормално со што животниот стандард на граѓаните е заштитен, а потрошувачката кошничка пополна“, додаде Ковачевски и подвлече дека Владата продолжува да субвенционира дури 80% од висината на сметките за струја за домаќинствата, а со програмата за енергетска сиромаштија, 6.500 домаќинства со ниски приходи ќе продолжат да добиваат дополнително намалени сметки за електрична енергија.
Генералниот извршен директор на „Витаминка“ Сашо Наумоски, истакна дека успехот на компанијата со над 700 вработени се должи на инвестициите во човечки ресурси, модернизација на производството и опремата.
Тој подвлече дека и во кризни години, делумно со средствата доделени како помош од Владата успеваат да инвестираат во купување на опрема, во фотоволтаична централа за сопствено производство на струја, проширување и опремување на магацински простор, развој на нови производи и за реконструкција и надградба на систем за автоматско управување со линијата за производство на чоколада, додавајќи дека овие инвестиции влијаат врз работата на фабриката во насока на унапредување, модернизација и автоматизација на техничко-технолошките процеси.
Владата продолжува да ги поддржува компаниите и граѓаните, за таа цел воведени се и ваучери во вкупна вредност од 3.000 денари за 35.000 граѓани од најранливите категории, минималната плата е зголемена на 18.000 денари, а пензиите доживеаја историски највисок раст.
На настанот премиерот Ковачевски заклучи дека државата е тука да помогне и да ги следи компаниите во нивниот развој, бидејќи развиено стопанство значи и развиена држава.