Денеска, министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски, заедно со дел од раководството на МВР, изврши увид на завршените градежни работи на Одделот за заштита на определени личности и објекти, познат како Шеста управа, при што оствари и работен состанок со раководството на овој Оддел во рамки на Бирото за јавна безбедност во МВР.
Притоа, министерот Спасовски констатираше дека градежните зафати на 72-иот реновиран објект на МВР се квалитетно и навремено завршени, што претставува инвестиција вредна 9,6 милиони денари од Буџетот на МВР. Како што објасни Спасовски, објектот на Шеста управа првично бил изграден од сутерен и два ката, надграден со уште дополнителни два, а дел од него пред реконструкцијата бил во незавидна состојба.
„Со оглед на состојбата на просториите извршени се повеќе градежно-занаетчиски работи на објектот, вклучувајќи ги новите подови во канцелариските простории и ходниците од заедничките простории, замена на вратите во постариот дел од објектот, како и на инсталациите во него, а на целиот објект е направена нова термоизолациона фасада. Санирана е кровната конструкција, поставени се нови олуци, а на стариот дел од објектот старите прозорци се заменети со нови термоизолациони прозорци и извршени се молерофарбарски работи на просториите во објектот”, потенцираше министерот Спасовски.
Министерот Спасовски истакна дека покрај инфраструктурното, ова раководство на МВР континуирано работи и на материјално-техничкото подобрување на овој Оддел, така што во 2018 година вработените во него добија и нови комплет службени униформи, а на крајот од минатата година целосно нови униформи добија повеќе организациони единици во полицијата, меѓу кои токму и припадниците на Одделот за заштита на определени личности и објекти, кои добија дводелна цивилна облека и обувки. За потребите на Одделението за претходница и сообраќајно- ескортно обезбедување при Одделот за заштита на определени личности и објекти, согласно планот за јавни набавки за 2020, беа набавени 30 комплети нова мотоциклистичка опрема што се состои од: чизми, заштитни чевли, кациги, виндјакни, подјакни, пантолони, појаси, ракавици, рефлектирачки елеци и маици – со вкупна вредност на набавката, која беше спроведена после повеќе од десет години, од околу 4 милиони денари.
Спасовски уште еднаш нагласи дека и годинава, како и сите изминати години почнувајќи од 2017 година, МВР продолжува со планските градежно-реконструктивни активности и на други објекти и тоа: во Центарот за обука Идризово, Одделот за граѓански работи во МРТВ, како и изградбата на нова полициска станица Аеродром при СВР Скопје.
„Целта на нашето работење на која остануваме силно посветени е унапредувањето на стандардите за професионално работење на сите вработени во Министерството, не само во поглед на материјално-техничките и инфраструктурни услови за работа, туку и во поглед на стручното, организационото и системско унапредување на работата на Министерството”, порача Спасовски.