Пописот ја отвори Пандорината кутија, посочувајќи дека за 7,2 отсто од граѓаните, државата нема податок на која етничка група и религија припаѓаат и кој јазик го зборуваат.
Вкупно 132.260 граѓани коишто доброволно не се попишале, но нивните податоци по административен пат сепак влегоа во статистичките пресметки од Пописот во 2021, го засенија исходот од долгоочекуваната статистичка операција, којашто по две децении се спроведе во Северна Македонија. Пописот го потврди сомнежот дека населението во земјата старее и се намалува, но повторно не даде конкретен одговор за реалната бројка на Македонци во дијаспората, со оглед на слабиот одзив за самопопишување, но и ја отвори Пандорината кутија, посочувајќи дека за над 132 илјади граѓани, или 7,2 отсто од граѓаните, државата нема податок на која етничка група и религија припаѓаат и кој јазик го зборуваат како мајчин.
„Бројката не е воопшто мала и факт е дека штетата од ова оди на контото на Македонците, пред се поради бојкотот на пописот на којшто повикуваа дел од македонските партии“, анализира за ДВ, Дончо Герасимовски, специјалист од областа на статистиката и поранешен директор на Државниот завод за статистика.
Трети на список, а не се знае кои се
Дека бројката не е за занемарување укажува и податокот дека овие граѓани „фантоми“ во пописот всушност се најдоа на третото место по бројност на табелата за етничка припадност на резидентното население во Северна Македонија. Ако статистичарите избројаа 55,44 проценти Македонци и 24,3 Албанци, зад нив е групата на недефинирани граѓани со 7,2 отсто, за кои не се знае на која етничка група припаѓаат.
Според податоците од пописот, станува збор за лица коишто живеат во земјата, а од некоја причина не се одзвале на повиците за попис – од нив 66.338 се мажи, а 65.922 се жени. Нивните податоци се добиени преку базите на податоци од 12 институции, но освен како бројка, за нив во пописот нема никакви други податоци.
„Во ниедна база нема податок за етничката припадност. Етничката припадност е чувство, не е нешто што може да се документира, така што за овие лица прашањето за етничката припадност, мајчин јазик, јазикот кој се говори во домаќинството и чувството за вероисповед ќе ги нема. Тие се празни“, вели директорот на Државниот завод за статистика (ДЗС), Апостол Симовски.
И тој се согласува дека бројката на овие граѓани е резултат на бојкотот и на црните кампањи. Да не биле тие кампањи, тој верува дека бројката ќе била далеку помала. Но, има и други причини за оваа појава.
Пописот, пред се беше спроведен во исклучително специфичен период во време на пандемија, кога многумина се уште користеа годишни одмори. „Многу луѓе не беа физички присутни тука. Имавме и ковид, многу луѓе не отвораа врати поради тоа што се плашеа од евентуално ширење на болеста и брони други причини“, вели првиот човек на Заводот за статистика.
Најголем број од недефинираните граѓани во пописот се од Скопје – 44.175, или 33,4 отсто од вкупниот број на лица за коишто нема комплетни податоци. Ако се анализира по општини, тогаш бојкотот највеќе бил присутен во Чаир, Кисела Вода, Карпош, Аеродром и Центар. Празни графи во пописната статистика оставија и бројни граѓани во Куманово, Струмица, Битола, Прилеп, Велес, Штип и Тетово.
Електронски попис како решение
Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски вели дека пописот е некомплетен бидејќи најважната категорија од 7,2 проценти поради определени причини не се изјасниле за мајчин јазик, вероисповед и националност. „Тие се водат во групата на неизјаснети“, изјави Мицкоски во гостување на ТВ Алфа. Тој бара по електронски пат да се спроведе попис, на кој ќе се добијат повеќе податоци за овие граѓани.
„Иако и сега е видливо, јасно е дека најголем дел од нив, можеби повеќе од 90 проценти се дел од македонскиот народ, но поради определени причини не се изјасниле и јас ги разбирам ја почитувам нивната одлука. Доколку се изјаснеа можеби бројките ќе беа поразлични во соодносот на националностите“, вели тој.
За поткрепување на оваа теза, пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ, Антонијо Милошоски посочува податоци за неколку средини и општини каде што е поголема бројката на граѓани кои не се попишале или не се изјасниле по етничка основа.
„Па така, во општина Аеродром има 5.247 Македонци кои не се попишани, во општина Ѓорче Петров – 4.450, во општина Центар – 5.000, исто и во Битола повеќе од 5.000, во општина Велес – 4.700, Кавадарци 2.500, а во Кочани 2.400 Македонци не се попишале“, посочува Милошоски. Тој вели дека пропустот е направен од страна на Државниот завод за статистика, кој и покрај сите бази на податоци коишто ги имал на располагање, не успеал да обезбеди повеќе податоци за овие граѓани.
Математиката на Ахмети
Лидерот на ДУИ во средата (30.03) објави табела, според која, ако од вкупно попишаните се издвојат 132.260 лица за кои не е утврдена етничка припадност, тогаш процентуалната застапеност на етничките Албанци би била 31,51 отсто.
„Северна Македонија, по 20 години, има појасен увид во врска со целокупното население и процентот на заедници во државата. Албанците се 29,5 проценти во општата популација и 24,3 отсто во резидентно население, додека во градот Скопје 22,8 отсто (од 20,04 отсто во 2002 година)“, порача Ахмети.
Ја избројавме ли дијаспората?
Вториот момент којшто се проблематизира од пописот е дали е добиена реалната бројка за дијаспората. Иако македонските граѓани имаа можност подолго време да се самопопишат преку веб-апликација, само дел од нив ја искористија ваквата шанса. Податоците покажуваат дека се намалени бројките на населението, но пописот не дава податок колку лица се иселиле од земјата. Како што соопшти Симовски, вкупно се попишани 2.097.319 лица, од кои во државата има 1. 836.713 граѓани, додека во дијаспората се избројани 260.606 лица.
Но, дали бројките ја отсликуваат реалната состојба? Герасимовски смета дека државата се уште нема доволно податоци за бројот на иселени, ако се имаат предвид податоците на меѓународни институции, кои посочуваат дека бројката е далеку поголема.
За С. Македонија, според овие податоци, се смета дека има 600 илјади македонски државјани во 163 земји во светот. Станува збор за тренд на иселување којшто ги има зафатено сите земји од Балканот и доведува до опустошување на руралните места и на одредени региони. Проценките се дека за десет години од земјата се иселиле 175 илјади граѓани. Тоа делумно го потврди и пописот, кој пронајде над 200 населени места, каде што нема ниту еден жител. Кај помалите општини има примери каде населението е речиси преполовено.
И пратеникот од редовите на Алијанса за Албанците, Халил Снопче смета дека не е веродостоен бројот од околу 12% на граѓани во дијаспората. Многу меѓународни институции, како што е Светската банка и Еуростат, според него, се имаат изјаснето дека најмалку околу 30% од граѓаните на Северна Македонија ја имаат напуштено земјата во последните децении.
Со ваквиот став се согласува и демократскиот сојуз на Павле Трајанов. Тој вели дека
проценките се дека само околу 10% од Македонците се попишани. Овие бројки, според него, го наметнуваат заклучокот, дека пописот е неуспешен и за тоа треба да се бараат причините и одговорноста. ДС предлага да се направат дополнителни вкрстувања и проверки на податоците, а за иселениците да се спроведе дополнителен попис.
Населението старее и се намалува
Населението постојано се намалува од 1992 година досега, целиот Балкан традиционално мигрира, вели Герасимовски, посочувајќи дека македонското население и старее и се намалува. Тоа е резултат на природниот прираст кој што е во негатива веќе три години, а за што големо влијание имаше и пандемијата.
„Имаме околу 45 илјади лица починати за време на пандемијата. Според податоците од 2021 година има 18.850 живородени и 28.816 починати, што е разлика од над 10 илјади жители – или за толку е намалено населението по природен пат“, укажува тој.
Тоа, според него, ќе повлече низа проблеми. „Населението старее, се губи работоспособното население, ќе имаме недостиг на работна сила, ќе се намалува бројот на деца во училиштата, што ќе доведе до тоа некои од нив да се затвараат“, анализира Герасимовски за ДВ.