Руско Министерство за одбрана: Погодивме рафинерија за нафта и складиште за гориво во близина на Одеса

0
645

Министерство за одбрана на Русија соопшти дека Руските вооружени сили погодиле рафинерија за нафта и складишта за гориво во близина на пристанишниот град Одеса во јужна Украина, јавува Агенција Анадолија (АА).

„Утринава уништени се рафинерија за нафта и три складишта за гориво и мазива кои обезбедуваат гориво за украинската Армија во насока на Николаев, во близина на Одеса со високопрецизни ракети лансирани од море и воздух“, изјави за новинарите Игор Конашенков, портпарол на Министерството за одбрана.

Конашенков истакна дека од почетокот на „специјалната воена операција“ во Украина, Руските воздухопловни сили уништиле 125 воени авиони, 88 хеликоптери, 383 дронови на украинските сили, 221 ракетен систем земја-воздух, 1.903 тенкови и други оклопни борбени возила, 207 повеќецевни ракетни лансери, 805 теренски артилериски оружја и минофрлачи, како и 1.781 единица специјална воена автомобилска опрема.

Руската војна против Украина, што започна на 24 февруари, наиде на голема меѓународна осуда, поради што ЕУ, САД и Велика Британија, меѓу останатите, воведоа строги финансиски санкции кон Москва.

Во Украина досега загинале најмалку 1.325 цивили, а 2.017 се повредени, според проценките на Обединетите нации (ОН), кои стравуваат дека вистинските бројки се многу поголеми.

Над 4,1 милион Украинци ја напуштиле земјата и пребегале во други земји, а милиони се внатрешно раселени, според Агенцијата за бегалци на ОН.

извор: Агенција Анадолија (АА).