Зголемување на платите на вработените во Пошта им понуди Управниот одбор(УО) на Пошта на РСМ. Од утринава вработените почнаа штрајк, но потоа од Управниот одбор им понудија од 1 јуни годинава линеарно да се зголемат за 3000 денари платите на 1700 вработени од оперативниот дел (поштари, шалтерски работници и други), а од 1 август и на административните службеници.
Претседателот на Синдикатот на Македонска пошта Боро Велигданов рече дека прво треба официјално да го разгледаат предлогот за повисоки плати, па потоа ќе одлучат дали да ја прифатат понудата и да го прекинат штрајкот. Велигданов одржа заедничка прес-конференција со членовите на УО и генералниот директор на Пошта Јани Макрадули.
Главното барање на синдикатите е линерно зголемување на платите од 3000 денари. Предлогот што го добиле е за тој износ преточен во бодови согласно со Колективниот договор на Македонска пошта.
Генералниот директор Макрадули информираше дека вработените ги почитуваат законските обврски за работа и испорака на пратките во услови на штрајк. Со оглед дека се почнати преговорите, како што информира, дневниците на вработените ќе им бидат исплатени.