Заев од Атина: Јас и Алексис дојдовме до решение кога сите тврдеа дека е невозможно

0
311

Поранешниот премиер Зоран Заев вечерва се обрати на третиот Конгрес СИРИЗА. Тој изјави дека ја разбира Сириза како политичка партија која промовира повеќедимензионална политика на независност и пријателска соработка, мирен дијалог заснован на меѓународното право и решавање на проблемите за доброто на луѓето и земјите во регионот.

-Денеска сум овде, на покана на претседателот на СИРИЗА, мојот драг пријател Алексис Ципрас, со кого споделуваме многу. Јас и Алексис, бевме решени да направиме огромен заеднички чекор кој ќе работи за иднината на нашите земји, нашите граѓани, целиот регион и Европа. На крајот, бевме решени да ги жртвуваме нашите политички кариери во име на иднината на пријателството, мирот и стабилноста, кажа Заев во својот говор пред присутните.

Според него, неодамнешниот пресврт на настаните во Украина предизвикан од руската агресија покрена силни ризици, загрижености и стравови.

-Единственото решение е мирот. Итен дијалог наместо насилство. Затоа, целосно ги поддржувам независноста и територијалниот интегритет на Украина и изразувам сочувство со украинското раководство и со семејствата на жртвите. Потребен е итен мир со итно дипломатско решение кое ќе ги почитува принципите на меѓународното право, насочено да ги брани заедничките вредности, човековите права и заштитата на основните слободи, кажа Заев.

За поранешниот премиер, Преспанскиот договор има влијание многу подалеку од регионот.

-Нашиот мировен договор испрати силен сигнал до светот. Не може да постои само принцип на посилниот. Во денешниот свет сè уште постои патот на почитта и компромисот, патот на меѓусебното разбирање, патот на мирот и стабилноста.

Затоа Алексис и јас избравме да направиме се што можеме за да најдеме решение без одложување. Дозволете да ве прашам, кој е доблесен? Оној кој едноставно го пролонгира проблемот или тој што прифаќа да го најде решението? Дојдовме до решение кога сите тврдеа дека е невозможно, кажа Заев.