МОН го извести СОНК за донесените одлуки на денешната владина седница

0
342

Со писмен допис Министерството за образование и наука го извести Синдикатот за образование, наука и култура за одлуките кои беа донесени на денешната владина седница, откако претходно беше разгледана информацијата за состобјата во основните и средните училишта предизвикана од штрајкот на вработените на иницијатива на СОНК.

Согласно одлуките, предвидено е зголемување на платите на наставниот кадар во основните и средните училишта за 10%, односно во износ од 2500 денари на месечно ниво, средства кои ќе се обезбедат со ребаланс на државниот буџет.

Дополнително, ќе се формира и работна група во која освен министерот за образование и наука, ќе членуваат и заменик претседателот на Владата задолжен за економски прашања, како и мнистрите за финансии, за труд и социјална политика и за информатичко општество и администрација и која ќе отпочне процес за преговори за колективен договор со репрезентативниот синдикат и за методологија за континуиран раст на платите во јавниот сектор.

Како што е наведено во владините одлуки, Министерството за образование и наука е задолжено да ги преземе сите чекори за одржување настава во основното и средното образование согласно уставно загарантираното право за образование и согласно законски утврдените одредби за одвивање на настава во услови на штрајк. Учениците повеќе не смеат да губат часови и затоа го повикуваме и синдикалното раководство, како и раководствата и вработените во сите образовни установи од областа на основното и средното образование од утре да продолжат со извршување на редовните работни обврски и со реализација на настава за учениците.

Исто така, на денешната владина седница МОН е задолжено да обезбеди исплата на платите согласно законските одредби во услови на штрајк.

Министерството за образование и наука очекува писмен одговор од СОНК како мислење по однос на овие владини заклучци, а воедно и очекува известување врз основа на кој правен акт е прекината наставата во основните и средните училишта.