Двајца руски олигарси со семејствата пронајдени мртви во два дена

Владислав Аваев, поранешен потпретседател на Газпромбанк, беше најден мртов од прострелна рана во неговиот стан во Москва во понеделникот, јави руската државна новинска агенција ТАСС.

Одделот за истраги во Москва не ги наведе имињата на жртвите во соопштението за случајот, но ТАСС наведе дека неименуван извор го потврдил нивниот идентитет.

Инспекторите во соопштение напишаа дека ја претпочитаат теоријата дека Аваев ги убил сопругата и ќерката, а потоа и себе.

Во Шпанија пак, уште еден олигарх, Сергеј Протосења, е пронајден обесен, а неговата сопруга и ќерка се избодени до смрт, објави шпанската телевизија Telecinco. Неговото тело беше пронајдено во вторникот. До него биле најдени крвав нож и секира.

Протосења е поранешен потпретседател и главен сметководител на Новатек, голема компанија за гас која тесно соработувала со Газпромбанк.

Тој, неговата сопруга и ќерката, за време на Велигден престојувале во изнајмена луксузна вила во Љорет де Мар, крајбрежен каталонски град. Неговото богатство се проценува на 400 милиони евра, а неговото семејство претежно живеело во Франција.