Ковидот е присутен, но циркулира со далеку помал интензитет отколку порано. Затоа, мерките се олабавени. Конечно е дојдено време граѓаните поопуштено да се посветат на празнувањата. Ризици постојат, но пред сѐ, за постарите граѓани и за оние со хронични здравствени проблеми. Оттаму, јас до нив би апелирал да си носат маски во гужвите околу и во храмовите, вели во разговор за „Локално“, проф.др. Драган Даниловски.
Епидемиологот смета дека по празниците, можно е да се дојде до благо зголемување на бројот на нови случаи, но, тоа не ќе може да влијае на влошување на епидемиолошката ситуација во земјата.
– Уште од 7 март се наоѓаме во т.н. зелено (ниско) ниво на ковид-19 во заедницата, според критериумите на Центрите за контрола на болести на Америка (ЦДЦ), објавени на 4 март. Тие имаат воспоставено три нивоа – ниско, средно и високо (или зелено, жолто и портокалово), со комбинирање на три параметри: бројот на нови хоспитализации во изминатите 7 дена на 100.000 население, процентот на зафатени болнички кревети со ковид пациенти и бројот на нови случаи во изминатите 7 дена на 100.000 население. Новите хоспитализации и процентот на зафатени болнички кревети го претставуваат моментниот потенцијал за оптоварување на здравствениот систем, објаснува тој.