Македонците го повикуваат Илон Маск да ја купи Македонија и да ја тргне претставката „Северна“, придружувајќи се на глобалните апели за инвестирање до најбогатиот човек на светот, додека сите се прашуваат која ќе биде неговата следна зделка по купувањето на компанијата „Твитер“.
– „Илон Маск те молам купи ја Северна Македонија и тргни го она Северна“, „те молам купи ја Северна Македонија за народот најпосле да биде среќен, и те молам однеси ги сите политичари на Марс“, „те молам купи ја Македонија и прати ги сите политичари на Марс, два милиона луѓе ќе ти бидат благодарни“, „Илон Маск, те молам купи ја нашата држава без она Северна, само Македонија. Ќе ти ги дадеме политичарите бесплатно. Знам дека не вредат ништо, но подарок е подарок“, „можеш ли барем да ја купиш Северна Македонија и да го тргнеш нелегалното, навредливото и угнетувачко „Северна“. Благодарам“ – гласат дел од пораките упатени од македонските твитерџии до Маск.
Ваквиот тренд за барање инвестиции од Маск повторно се засили откако човекот чие богатство се проценува на 264,6 милијарди долари се пошегува дека ќе ја купи и компанијата „Кока-Кола“. Тоа поттикна бројни шеги на Интернет за следниот бизнис-потфат на сопственикот на компаниите „Тесла“ и „Спејс екс“.
novamakedonija.com.mk