Георгиевски: Производството на храна е стабилно, сите земјоделци да ја искористат помошта на Владата

Најпрво би сакал на сите граѓани од исламска вероисповест да им го честитам Рамазан Бајрам, посакувам мир, здравје и бериќет. Светската криза е предизвик кој бара сериозност и државничко однесување. Наша одговорност како партија која ја предводи државата е да го одржуваме производството на храна стабилно и одржливо. Националниот план за производство на храна се спроведува со засилено темпо. Аплицирањето е за финансиска поддршка за набавка за вештачки ѓубрива за засеани површини со пченица, пченка, јачмен и сончоглед е веќе започнато, истакна Гоце Георгиевски, претседател на Комисија за земјоделство, шумарство и водостопанство на СДСМ.
Во продолжение ја пренесуваме прес конференцијата во целост:

Ги повикуваме сите земјоделци кои ќе набават вештачки ѓубрива во периодот од 01.12.2021 – 31.05.2021 да аплицираат и да ја искористат помошта, која ја обезбеди Владата предводена од СДСМ.

Висината на финансиска поддршка изнесува:

4.000 денари по хектар за набавка на најмалку 200 кг по хектар вештачки ѓубрива за површини со пченица и пченка

2.500 денари по хектар за набавка на најмалку 200 кг по хектар вештачки ѓубрива за површини со јачмен

2.500 денари по хектар за набавка на најмалку 100 кг по хектар вештачки ѓубрива за површини со сончоглед

400 денари по хектар за набавка на најмалку 6 л по хектар течни фолијарни ѓубрива за пченица, јачмен, пченка и сончоглед.

Покрај петте јавни повици за финансиска поддршка кои се објавија изминатиот период, објавен е уште еден јавен повик од Агенцијата за финансиска поддршка во земјоделството и руралниот развој за кофинансирање на инвестиции во подигнати нови лозови и овошни насади како и повеќегодишни ароматични растенија.

Периодот кој е опфатен со поддршката е од 01 април 2021 година до 31 март 2022 година.

Прифатливи се трошоците за набавка на новите насади, градежни материјали и елементи за потпорна конструкција, како и услуги од трети лица за припрема на земјоделското земјиште и извршување на градежните работи.

Максималната поддршка по корисник изнесува 6 милиони денари, а кофинансирањето е до 75% од инвестицијата.

Крајниот рок за доставување на барањата за исплата е 31 мај 2022 година.

Поддршката за овоштарството продолжува.

Како што беше најавено, исплатени се субвенциите на над 10.000 овоштари за одржување на овошни насади во висина од 434 милиони денари за над 14.000 хектари пријавени земјоделски површини.

Социјалдемократскиот сојуз на Македонија е искрен партнер на земјоделците од сите категории. Продолжуваме посветено со неселективна поддршка, поддршка за сите.