Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ; Христијан Мицкоски во „Тема на денот“ во дневникот на Сител истакна дека за оваа национална катастрофа која и се случува на Македонија, оваа влада не е решение туку е проблемот и затоа потребни се предвремени парламентарни избори за да може да се подобрат работите во државава.
– Никогаш не било полошо во Македонија, и јас лично и како партија цениме дека во вакви моменти не треба да се гледаат тесните партиски интереси туку да се подаде рака и да се помогне на кои очигледно во овој момент не можат да се справат со реалната ситуација, односно со сите проблеми во Македонија, истакна Мицкоски.
Мицкоски посочи дека чудно е како Ковачевски се фалеше дека имал телефонски разговор со него и ќе имале средба а сега бега од таква средба на која треба да се разговара за актуелната состојба и да се договорат предвремени парламентарни избори, бидејќи за оваа национална катастрофа, оваа влада не е решението, таа проблемот.
– Од СДСМ ќе видите две различни дифузни соопштенија, првото е дека одбиваат средба и второто е дека сум се плашел од Ковачевски. Еве јас не се плашам, сакам да одам на средба, тој одбива. Кој се плаши тука. Еве јас не се плашам да одам на избори како лидер на ВМРО-ДПМНЕ, а тој како премиер бега од избори. Тоа е начинот на кој можеме да кажеме дали некој се плаши или не се плаши, нагласи Мицкоски.
Во врска со изговорот дека во криза не требало да има избори, Мицкоски укажа дека многу европски земји во криза сега имаа избори, па дури и Србија.
– Не ги одложија изборите заради кризите и тоа не е оправдувањето. Суштината е како да излеземе и да ни биде подобро, изјави Мицкоски.