DW: Македонското Собрание без имотен лист и преплавено од тужби

0
379

Македонското Собрание не располага со имотен лист со утврдено право на сопственост/користење на земјиштето и објектот во кој е сместено и ги извршува своите функции. Ова е една од главните забелешки наведени во последниот извештај на Државниот завод за ревизија (ДЗР) за 2020 година, објави DW.

Градежниот објект во кој е сместен парламентот е евидентиран во сметководствената евиденција на износ од 1.590.565.000 денари. Објектот е сопственост на РСМ и не е извршено запишување на правото на сопственост или користење во Агенцијата за катастар на недвижности, укажуваат ревизорите. Иста е ситуацијата и со земјиштето под Собранието, кое е евидентирано во вонбилансната евиденција во износ од 501.588.000 денари.

Ревизорите укажуваат дека ваквата состојба не е во согласност со член 18 став 1 од Законот за користење и располагање со стварите во државна и во општинска сопственост. Владата на РСМ со одлука може времено или трајно да ги даде на користење, со или без надоместок, но ДЗР со допис до Владата укажал дека е неопходно да се запише правото на сопственост или користење на овој имот.

26 судски постапки против Собранието

Ревизорите во извештајот посочуваат дека е неизвесен исходот од 26 судски постапки кои се во тек, во која тужена страна е Собранието. Тужбите се поднесени по основ на нематеријална штета, повреда на личните права, незаконско разрешување од функција, работен спор и друго, во вкупен износ од 19.742.000 денари. Исходот од постапките може да има влијание на финансиските извештаи на Собранието, велат од ДЗР.

Текстот во целост на: DW.

фото: Архива