Ковачевски-Мишел: Интеграцијата на Западен Балкан во ЕУ е прашање од највисок приоритет

Македонскиот премиер Димитар Ковачевски за време на Преспа форумот за дијалог, денеска имаше средба со претседателот на Европскиот совет – Шарл Мишел.

На средбата, на која беа присутни и вицепремиерот за европски прашања – Бојан Маричиќ и министерот за надворешни работи – Бујар Османи, станало збор за геополитичките предизвици што ги донесе руската агресија на Украина, поради што забрзувањето на интеграцијата на Западен Балкан во ЕУ стана врвно прашање од највисок приоритет, вклучително со зајакнување на отпорноста на регионот од влијанијата на трети страни.

Премиерот Ковачевски на средбата со Мишел истакнал дека Северна Македонија целосно ги исполни условите за почеток на преговорите и врз основа на што е донесена и препораката за безусловен почеток за отворање на поглавјата во март 2020 година.

Ковачевски и Мишел на средбата разговарале и за учеството на Република Северна Македонија во повеќе регионални проекти поддржани од ЕУ, особено во делот на соработката во енергетиката како што е интерконекторот за гас со Грција, гасната централа во Александропулос и гасното поврзување со Србија и Косово, кои се поддржани од средства од Економскиот инвестициски план на ЕУ, но и за придобивките од иницијативата Отворен Балкан за воспоставување  заеднички и поврзан регионален пазар врз основа на четирите слободи на ЕУ за непречен проток на луѓе, капитал, стоки и услуги, како значајни чекори за имплементација на стандардите на ЕУ.

макфакс