DW-Министерот Бочварски ја забетонира „бетонизацијата“

Последниот попис покажа дека над една третина од становите се празни. Но, според граѓанските иницијативи, тоа не ги предомислило надлежните да се прекине со градење.

Урбанистичките планови и бетонизацијата на градовите повторно ја брануваат јавноста во Северна Македонија. Неколку независни граѓански иницијативи – „Зелен хуман град“, „Шанса за Центар“, „Независни за Карпош“, „Подобро за Тетово“ и „Стига E – Струмица“ се противат на измената на Правилникот за урбанистичко планирање, за која сметаат дека министерот за транспорт и врски Благој Бочварски ќе ја забетонира бетонизацијата. Според нив, Бочварски „на нетранспарентен начин, без јавна консултација, исклучувајќи ја стручната фела, самиот го сменил Правилникот со што ќе се обезбеди во градовите да се градат уште повеќе згради и станови кои нема кој да ги насели“. Тие бараат тој да ги повлече измените и го потсетуваат дека токму тој ги отфрли суспензиите за урбанистичките планови во Општина Центар, дури и оние со кои се реализира Скопје 2014 и оние кои се косат со Законот за урбанистичко планирање не почитувајќи ја хиерархијата со Генералниот план.

Становите зјаат празни

Последниот попис во 2021 година покажа дека над една третина од становите во Северна Македонија се празни. Но, според потписниците на реакцијата, тоа не ги предомислило надлежните.

„Министерот за транспорт и врски Бочварски остана доследен на својот став од првата прес-конференција пред две години дека донесени ДУП не може да се менуваат. Не само што остана доследен, туку во мај годинава создаде и дополнителна пречка за каква било можност за менување на плановите во насока на намалување на кој било параметар во обемот на градба и бетонизација на нашите градови и општини“, укажуваат граѓанските организации.

Со последната измена на Правилникот, според граѓанските иницијативи, сѐ она што е внесено во претходните Детални урбанистички планови, станува стекнато право на инвеститорите. Стекнато право стануваат и висината на објектите, и габаритот на зградите и процентот на изграденост пред тие објекти воопшто да постојат.

Саботажа на јавниот интерес

„Истовремено, правата на соседите, на сите останати корисници на просторот во градот, правата загарантирани со Уставот за здрава животна средина и хуманизиран простор, со оваа измена стануваат неважни и ништовни. Со ова, се саботира јавниот интерес кој и онака никој не го штити при планирањето, како и правото на достоинствен живот“, се вели во реакцијата.

Тие ги повикуваат граѓаните да им се приклучат во борбата за враќање на владеењето на правото и правната држава. „Нема да дозволиме условите за квалитетен живот на кои имаме право по Устав и по закон, функционерите да ни ги сведат на гола борба за преживување и целосно да ни ги потчинат на бескрајната узурпација и бетонизација на секој милиметар слободна површина“, укажуваат од петте граѓански иницијативи.

Битката против бетонизацијата, особено во главниот град Скопје и во туристичкиот центар Охрид трае веќе подолго време. И покрај бурните реакции во јавноста, дел од проектите изминатиот период продолжија со градба, како на пример на парцелата кај Холидеј Ин, но имаше и такви кои што беа стопирани – како што беше случајот на Водно.

 

Дојче Веле