Документите за преговорите меѓу Бугарија и Македонија немаат ознака за тајност и се впишани во јавната евиденција на Народното собрание и на Советот на министри на Бугарија, соопшти денеска Прес-службата на бугарското Министерство за надворешни работи.
Како што јави дописникот на МИА од Софија, соопштението на бугарското МНР претставува реакција на повикот на владејачката партија Продолжуваме со промената (ПП) на премиерот Кирил Петков до шефицата на дипломатијата Теодора Генчовска „да ја отстрани ознаката за тајност од документите поврзани со Република Македонија“.
-Документите ги имаат следните броеви: влез № КВП – 47-253-05-71 / 20.06.2022 година; излез № 01-00-233 / 20.06.2022 година; влез № КВП – 47-253-05-72 / 20.06.2022 година; излез № 01-00-233 / 17.06.2022 година; влез № 04.06-781 / 20.06.2022 година; излез № 29.01.9 / 20.06.2022. Вака поднесени, горенаведените документи се достапни за увид на сите пратеници од 47. Народно собрание на Република Бугарија, се наведува во соопштението на МНР.
Повикот на ПП доаѓа во време кога во бугарското Собрание трае расправата по иницијативата за гласање доверба на Владата на Петков, од која се повлече партијата Има таков народ (ИТН) од чии редови доаѓа Генчовска.
Во текот на денешната дебата по иницијативата, сопартиецот на Генчовска, пратеникот Точко Јорданов го оквалификува Петков како „национален предавник“ и го обвини дека заедно со неговите советници цело време работел „против националниот интерес на Бугарија во однос на Македонија“.
Ќе ви дадам два примери на кои присуствував. Едниот е кога тој ми рече: „Треба да смислиме нешто за јазичното прашање со Македонија, затоа што тоа го сакаат Македонците“. Вториот е кога на средбата со Урсула фон дер Лајен, на која присуствувавме јас и други политички лидери, тој зборуваше за бугарско малцинство и мораше да го прекинам и да кажам дека Бугарија не прифаќа бугарско малцинство. И тоа е евидентирано во записниците на Советот на министри, бидејќи беше официјален состанок, нагласи Јорданов во обраќање од собраниската говорница.
извор: МИА