Министерот за економија Крешник Бектеши денеска на прес-конференција информираше дека на предлог на Министерството за економија, Владата денеска го усвои новиот Предлог закон за заштита на потрошувачи.
Во прилог Ви го доставуваме говорот на министерот од оваа прес-конференција:
„На предлог на Министерството за економија Владата на денешната седница го усвои новиот Предлог закон за заштита на потрошувачите.
Главната цел на политиката за заштита на потрошувачите во Република Севернa Македонија е да се подобри квалитетот на животот на граѓаните и, во согласност со стратешката цел на ЕУ да обезбеди сите граѓани да уживаат високи стандарди на заштита на потрошувачите како и заштита на интересите на економски послабите учесници, односно ранливите категории на граѓани во деловните трансакции на пазарот.
Kaкo резултат на анализата на пазарот произлезе потребата за креирање на модерна законска рамка преку нов Закон за заштита на потрошувачите.
Со овој Закон од една страна, обезбедува високо ниво на заштита на правата за потрошувачите, а истовремено гарантира полесни услови за деловно работење.
Со овој Закон кој целосно е усогласен со европската регулатива се уредуваат правата и обврските на потрошувачите и на трговците во потрошувачките односи, начините и постапките на заштита на правата на потрошувачите, информирањето на потрошувачите, унапредувањето на знаењето на потрошувачите за нивните права и начините и постапките на нивна заштита, правата и обврските на здруженијата и сојузите за заштита на правата на потрошувачите, правата и обврските на надлежните органи.
Со новото законско решение се овозможува подобро остварување на правата на потрошувачите преку ефективен надзор на пазарот, подобро информирање и едуцирање на потрошувачите за нивните права, зајакнување на независноста и репрезентативноста на здруженијата за заштита на потрошувачите и обезбедува инструменти за брзо решавање на потрошувачките спорови како можноста за колективно решавање на потрошувачките спорови.
Она што е новина и клучно во ова ново Законско решение е што се воведуваат, односно се дава посебно внимание на нечесни трговски практики, измамнички трговски практики и агресивни трговски практики при продажба на стоките и услугите, вклучувајќи ги и недвижностите, дигиталните услуги и дигиталните содржини, како и правата и обврските.
Одредена трговската практика е нечесна, доколку материјално го нарушува економскиот интерес и однесувањето на просечниот потрошувач во однос на производот,посебно кои се особено ранливи на засегнатиот производ поради нивната ментална или физичка немоќ, возраст на начин предвидлив од трговецот, кога трговецот дава неточни информации за пазарните услови или за достапноста на стоката со намера да се наведе потрошувачот да ја набави стоката под услови што се понеповолни од вообичаените пазарни услови.
Одредена трговска практика се смета за измамничка пак доколку содржи лажни информации и поради тоа е невистинита, го доведува во заблуда просечниот потрошувач, дури и кога информациите фактички се точни, а во кој било од случаите предизвикува или е веројатно дека ќе предизвика просечниот потрошувачот да донесе пазарна одлука што инаку не би ја донел.
Одредена трговска практика се смета дека е агресивна доколку по пат на вознемирување, принуда, вклучувајќи и употреба на физичка сила или прекумерно влијание, значително ги нарушува слободата на избор на просечниот потрошувач или неговото постапување во врска со стоката и на овој начин просечниот потрошувач го наведува или е веројатно дека ќе го наведе да донесе пазарна одлука што инаку не би ја донел.
Потрошувачите чии права се повредени со користење на нечесни трговски практики, измамнички и агресивни трговски практики од страна на трговецот имаат право на надомест на штетата која ја претрпеле, имаат право и на сразмерно намалување на цената и раскинување на договорот, додека за трговците следат глоби, санкции и забрана за вршење на дејност.
За прекршување на одредбите од овој Закон предвидени се и глоби и тоа:
- За микро трговци глоба во износ од 500 до 1.000 евра, а 150 евра за одговорното лице;
- За мал трговец глоба во износ од 1.000 до 2.000 евра, а 250 евра за одговорното лице;
- За среден трговец глобата изнесува од 2.000 до 5.000 евра, а 350 евра за одговорното лице;
- За големите трговци глоба во износ од 5.000 до 10.000 евра, а 500 евра за одговорното лице;
- Глоба во износ од 50 евра во денарска противвредност ќе му се изрече на физичкото лице, односно на трговецот – поединец за прекршокот.
Во делот на прекршочните санкции предвидена е привремена забрана за вршење на дејност и тоа во траење од три месеци до две години, од страна на надлежен суд за среден трговец и голем трговец и од 15 до 30 дена за микро и мал трговец, од страна на Комисијата за одлучување по прекршок.
На одговорните лица пак е кај правни лица, е предвидена забрана за вршење на професија, дејност или должност во траење од три месеци до една година, од страна на надлежен суд, а кај трговецот-поединец во траење од 15 до 30 дена, од страна на Комисијата за одлучување по прекршок.
Покрај новиот Закон за потрошувачи кој што денеска беше усвоен од Владата исто така сакам да информирам дека денеска на предлог на Министерството за економија од страна на Владата беше усвоена информација за да се изготви нов посебен Закон за нефер – трговски практики со кој целосно ќе се транспонираат европските директиви за нефер трговски практики во односите бизнис-то-бизнис во синџирот на снабдување со земјоделство и храна, во национален закон за да се уреди состојбата од појава на нерамнотежа во преговарачката моќ помеѓу добавувачите и купувачите на земјоделски и прехранбени производи.
Во директивата која целосно ќе биде транспонирана кај нас се наведува дека нерамнотежа во преговарачка моќ води кон нефер трговски практики кога поголемите и помоќните трговски партнери се обидуваат да наметнат одредени практики или договорни аранжмани кои се во нивна корист во однос на продажната трансакција.
Со овој нов Закон целосно ќе се усогласат и ќе се утврдат односите помеѓу трговците со цел заштита на потрошувачите.
Досега оваа директива не е транспонирана од ниедна земја во регионот односно во земјите на Западен Балкан, при што Република Северна Македонија ќе биде првата земја која ќе воспостави законска пракса на нефер трговски практики“.
извор: Влада
фото: влада