Пожарот во Мармарис во голема мера под контрола

Министерот за земјоделство и шумарство на Република Туркије, Вахит Киришџи, изјави дека пожарот што избувна во Мармарис, во областа Мугла, е во голема мера под контрола, јавува Агенција Анадолија (АА).

Киришџи и министерот за внатрешни работи, Сулејман Сојлу, ги следат активностите на терен поврзани со гаснењето на шумскиот пожар во Мармарис.

Киришџи за АА потврди дека пожарот избувнал синоќа околу 20 часот и дека интензивно се работи на негово гаснење.

Тој рече дека во акцијата за гаснење на пожарот биле вклучени хеликоптери и авиони во првите часови по неговото избувнување, како и во последните пет часа и дека е постигната одредена точка во борбата со пожарот.

Во акцијата за гаснење на пожарот во утринските часови беа вклучени 20 хеликоптери и 14 авиони, а на терен се цистерни и други машини на службата при Управата за шумарство, Управата за вонредни состојби (АФАД) и други надлежни институции.

Тој додаде дека од синоќа е на терен со министерот Сојлу и дека будно ги следат настаните.

Посочи дека во помала мера има и ветер што го отежнува гаснењето на пожарот, но дека условите, односно влажноста и температурата на воздухот се поповолни во однос на минатата година.

„Се надеваме дека денеска ќе биде решено. Можеби е рано и треба да се зборува со доза на претпазливост, но можеме да кажеме дека пожарот во голема мера е ставен под контрола. Но, се разбира, пожарот потпомогнат од ветрот може да се прошири и на друго подрачје“, предупреди Киришџи.

Тој соопшти дека изутрината избувнал пожар и во Датча, но бил изгаснат. Потоа пожар избувнал и во Фетије, но и тој во голема мера е ставен под контрола.

Им се заблагодари на сите кои дале придонес во гаснењето на пожарот и напомена дека како народ, треба да се покаже единство и солидарност и при вакви катастрофи.

Киришџи ги демантираше наводите на социјалните мрежи дека нема поддршка од воздух во гаснењето на пожарот.

извор: Агенција Анадолија (АА).

фото: Агенција Анадолија (АА).