Во катастрофалниот земјотрес со интензитет од 5,9 степени кој го потресе источен Авганистан животот го загубија над 900 луѓе, а 610 се повредени, соопштија властите, јавува Агенција Анадолија (АА).
„Маулви Шарафудин Муслим, заменик-државен министер за управување со катастрофи, рече дека досега во земјотресот загинале 920 луѓе, а повеќе од 610 се повредени“, објави државната новинска агенција „Бахтар“ која ја цитираше изјавата на заменик-министерот дадена за време на прес-конференција во Кабул.
„Најмалку 218 луѓе загинаа, а повеќе од 300 се повредени од земјотресот само во областа Џани во Пактика. Досега, бројот на загинати во Пактика достигна 381“, објави претходно на Твитер, Абдул Вахид Рајан, талибански функционер и генерален директор на државната новинска агенција „Бахтар“.
„Потресите се почувствуваа во источните погранични покраини Хост и Пактика“, објави државната новинска агенција „Бахтар“, додавајќи дека се повредени 595 лица.
Авганистанските власти соопштија дека бројот на починати може да се зголеми бидејќи десетици луѓе се во критична состојба.
„Имам трагични вести од мојата родна покраина Пактика, каде што стотици луѓе ги изгубија животите или се ранети во разорниот земјотрес. Домовите се уништени, а луѓето се под урнатините“, напиша на Твитер, Калид Задран, портпарол на полицијата на Кабул.
„Тимовите за помош од Кабул пристигнаа во областа и во тек се спасувачки активности. Сите хуманитарни организации треба да ја насочат својата помош во Пактика“, додаде тој.
Талибанските власти побараа и итна помош во областите погодени од земјотресот.
Видеоснимките и фотографиите коишто кружат на социјалните мрежи покажуваат куќи срамнети со земја во синоќешниот разорен земјотрес.
извор: Агенција Анадолија (АА).
фото: Агенција Анадолија (АА).