На 3 октомври 1995 година, во 9 часот и 50 минути беше извршен атентат врз претседателот на Македонија, Киро Глигоров. Тогашниот претседател го преживеа атентатот и со тешки повреди во пределот на главата беше пренесен во Ургентниот центар.
На лице место загина неговиот возач Александар Спировски, а тешко беше повреден и неговиот телохранител, Илчо Теовски. Од здобиените повреди, во Ургентниот центар им подлегна и Ристо Хаџиманов, пензионер, кој случајно се нашол на местото. Врз претседателот бeше извршена хируршка интервенција од страна на неврохирургот Јовица Угриновски.
Според истрагата, нападот бил извршен со автомобил-бомба на улицата „Македонија“ пред хотелот „Бристол“, кога Глигоров со службено возило се движел од неговата резиденција на работното место во Собранието. Бомбата, поставена во автомобил АМИ 8, била активирана со далечински управувач кога автомобилот на претседателот минувал покрај паркираното возило. Од силината на експлозијата, цитроенот бил целосно распарчен, а делови од возилото се разлетале наоколу.
По атентатот беше отворена обемна истрага од страна на МВР, под името „Автомобил“, во која беа вклучени и безбедносните служби на САД, Германија и Англија, но ниту нарачателите ниту извршителите до денес не се познати.
Првиот претседател на независна Македонија, Киро Глигоров, почина на 1 јануари 2012 година на 94 години.
фото: Архива