Регулаторната комисија за енергетика во рамките на денешната подготвителна седница на која се одлучува за тоа колку ќе поскапи електрична енергија за домаќинствата и малите потрошувачи на регулираниот пазар, на својата веб-страница ја објави и одлуката за одобрување на цената на ЕВН Хоме според блокови и коефициенти на поскапување во рамки на новиот тарифен систем.
Според објавените табели, домаќинствата кои трошат до 210 киловатчасови нема да видат којзнае колкаво финансиско олеснување во однос на вториот блок. Тие ќе плаќаат само 0,1 отсто поевтино, а цената за нив ќе биде 4,35 денари од киловатчас. Во вториот блок кај домаќинствата кои трошат од 211 до 630 киловатчасови, основната цена се множи со коефициент од 1.07 отсто, а цената што ја бара ЕВН Хоме е 4,7 денари по киловатчас потрошена струја. Третиот блок ќе плаќа за 20 отсто поскапо и цена од 5,27 денари по киловатчас за се што е над 631 киловати, па до 1.050 киловати. Енормно е поскапувањето за домаќинствата кои трошат над 1.050 киловатчасови. Тие ќе плаќаат по 14 денари за киловатчас и за нив поскапувањето е за 320 проценти. Ниската тарифа, односно евтината струја, останува по иста цена за сите од 0,62 денари по киловатчас.