Министерката за надворешни работи на Бугарија Теодора Генчовска најавува дипломатски мерки против говорот на омраза, по протестите коишто се одржуваат во Скопје, објави DW.COM.
„Имаме џентлменски договор со министерот за надворешни работи на Северна Македонија, Бујар Османи, пред некој ден дека протоколите се затворени. Се надевам дека стои на зборот. Јас ќе стојам на моето ветување – нема да ги отвораме текстовите. Бидете сигурни дека тие целосно го гарантираат националниот интерес и целосно ја почитуваат одлуката на Народното собрание“, изјави министерка за надворешни работи Теодора Генчовска пред бугарските новинари, одговарајќи на прашањето дали се подготвени протоколите на Софија и Скопје кои се дел од предлогот на француското претседателство со Советот на ЕУ за почеток на преговорите на Северна Македонија за членство во Унијата.
Шефот на македонската дипломатија, Бујар Османи на 1 јули во Скопје изјави дека протоколот е усогласен во МНР, но треба да го одобри Владата, којашто ќе го разгледа во рамки на целиот пакет. „Пакетот има европска и билатерална компонента. Билатералната компонента е протоколот и тој веќе не е во европскиот пакет, туку е билатерален со Република Бугарија, но е дел од овој процес за Бугарија да даде согласност за пакетот“, изјави Османи на денешната прес-конференција во Владата по средбата на владината коалиција.
Вицепремиерот за евроинтеграции, Бојан Маричиќ, пак, денеска изјави дека е прашање на часови или денови додека да се усогласи протоколот со Бугарија.