DW: Цуфи Кока е лицето кое пукало кон демонстрантите кај плоштадот Скендербег

Лицето Цуфи Кока кое денеска пукаше од огнено оружје за време на протестите против францускиот предлог е уапсено од полицијата, потврдуваат оттаму за Дојче веле. Засега не се знае ништо за неговите мотиви.

Инцидентот се случи во моментот кога демонстрантите против францускиот предлог го минуваа подвозникот под Стоковната куќа Мост во близина на трговскиот центар Мавровка. Една група која се наоѓаше кај плоштадот Скендеберг и групата демонстранти на булеварот најпрво фрлаа со камења и шишиња едни кон други. Потоа групата демонстранти се упати кон втората група и дојде до кошкање и опасност од физичка пресметка. Во тој момент Кока извадил пиштол и испукал повеќе куршуми. Реакцијата на полицијата спречи поголем инцидент.

Еден час пред инцидентот, Кока на својот Фејсбук профил објавил порака во која од името на партијата Алијанса на Албанците повикува на мирни протести и го осудува вандализмот, говорот на омраза и навредите кон Албанците. На насловната фотографија на Фејсбук профилот на Кока, тој е сликан со лидерот на опозициската Алијанса на Албанците, Зијадин Села.

 

извор: Дојче веле