По објавувањето на истражувачкиот документарен филм „Нечиста крв“, граѓаните кои имале ист или сличен проблем како семејството Брезеви, започнувајќи од утре ќе добијат бесплатна правна помош од Mакедонско здружение на млади правници и Хелсиншкиот комитет.
ИРЛ, Македонско здружение на млади правници и Хелсиншки комитет за човекови права денеска се договорија за бесплатна правна помош за граѓани кои имале проблем со здравствениот систем во земјава. Оваa соработка за помош доаѓа откако беше објавено новинарското истражување на Истражувачката репортерска лабораторија (ИРЛ)„Нечиста крв“. По емитувањето на епизодата, до редакцијата на ИРЛ пристигнаа стотина пријави од граѓани со исто и слично искуство како семејството Брезеви од Велес. Пријавите се однесуваат на повеќе приватни и државни болници во земјава.
Истражувачката репортерска лабораторија е составена од мал тим и оперира со ограничени ресурси, а со понудената правна помош од Македонско здружение на млади правници и од Хелсиншкиот комитет сите пријави на граѓани ќе може да се обработат во побрз временски период.
Хелсиншкиот комитет и Македонско здружение на млади правници ќе започнат да ги обработуваат и примаат пријавите од граѓани од утре (20.07.2022). Во текот на утрешниот ден ќе бидат соопштени сите детали и контакт телефони каде што граѓаните ќе може да се обратат.
Граѓаните ќе добијат иницијална правна помош, застапување односно помош за поднесување на кривични пријави, како и мониторинг на судски случаи.