За 6 месеци основани 3.768 фирми: Во кои градови и дејности претприемачите виделе можност?

По објавените два серијала на порталот „Пари“, како економскиот амбиент во првото полугодие од годинава се рефлектирал врз ликвидноста на компаниите каде не успеале да преживеаат 4.874 фирими, и вториот анализиран дел кој опфати топ 5 градови по згаснати фирми и каков бил тој тренд минатата година, на ред дојдоа и НОВИТЕ БИЗНИСИ!

Во првите 6 месеци од годинава се отвориле 3.768 фирми, а лани во истот период се отвориле 3.785. Оваа бројка што ја откриваат податоците од платформата БизнисМрежа.мк покажува дека годинава инвеститорите биле дури и повоздржани од пандемиската 2021 година, па за 6 месеци отвориле 17 фирми помалку од истиот период лани. Иако, разликата во бројките е мала, покажува дека, за жал, енергетската криза која почна од крајот на минатата година, и покрај подобрувањата во однос на пандемијата, ги натера инвеститорите да бидат воздржани. Но, исто така, експертите укажуваат и дека растот на цените, како на енергентите, така и на транспортот и на другите суровини, значително удри по ликвидноста на компаниите, па не им остави простор за проширувања и отворања на фирми-ќерки, или на други независни фирми.

Новоотворни фирми во првите 6 месеци во 2022 и во 2021

Новоотворени фирми јануари-јуни 2022 3.768
Новоотворени фрими јануари- јуни 2021 3.785

Извор: БизнисМрежа.мк

Анализата на порталот „Пари“ покажува и во кои градови и во кои дејности најмногу се отвораат фирми. Истовремено, податоците откриваат дали има некаква промена во однос на минатогодишната тенденција.

Во првото полугодие од оваа година, како што е вообичаено, најмногу фирми се отвориле во март – 702, или 18,6 отсто од сите новоотворни фирми.

МЕСЕЦ 01.01.2022 – 30.06.2022 (ПО МЕСЕЦИ НА ОСНОВАЊЕ) 01.01.2021 – 30.06.2021 (ПО МЕСЕЦИ НА ОСНОВАЊЕ)
Јануари 693 602
Февруари 564 661
Март 702 817
Април 687 600
Мај 562 578
Јуни 560 527
ВКУПНО 3768 3785

Извор: БизнисМрежа.мк

ДЕБАРЦА, ЛОЗОВО И РЕСЕН ДОБИЛЕ ПО ЕДНА ФИРМА

Јасно е дека најмногу фирми се отвориле во Скопје, како и во другите поголеми градови, но каде се „случило чудо“ па никнала нова фирма?

Податоците на БизнисМрежа.мк покажуваат дека Дебарца, Лозово и Ресен добиле по една фирма. По две фирми се основале во Карбинци и во Градско. По 3 нови фирми во Чучер-Сандево, Чашка, Маврово и Ростуше, Кривогаштани, Конче и Зрновц. По 4 фирми има во Чешиново-Облешево, Центар Жупа и во Пехчево. По 5 фирми пак, има во Вевчани, Демир Капија и во Могила.

Првата петорка, пак, со најголем број на отворени фирми во првото полугодие од годинава, заеднички  придонела во големото бизнис семејство со 2.285 нови фирми. Лани во истиот период, вкупната бројка на новоотворени фирми во 5 градови каде имало најмногу нови уписи на основање, е 2.155, односно 130 фирми помалку од оваа година.

ТОП 5 ГРАДОВИ ПО ОТВОРЕНИ ФИРМИ ВО ПРВИТЕ 6 МЕСЕЦИ ОД 2021 ГОДИНА БРОЈ ТОП 5 ГРАДОВИ ПО ОТВОРЕНИ ФИРМИ ВО ПРВИТЕ 6 МЕСЕЦИ ОД 2022 ГОДИНА БРОЈ
Скопје 1.639 Скопје 1.643
Тетово 201 Битола 203
Битола 159 Тетово 173
Гостивар 156 Охрид 139
Куманово 155 Куманово и Гостивар 127

Извор: БизнисМрежа.мк

Податоците покажуваат дека и годинава најмногу фирми се отвораат во Скопје, Битола и Тетово, со тоа што годинава, за разлика од лани, Битола се покажала поинтресна за новоотвворените фирми од Тетово. Годинава во „првата петка“ влегол и Охрид со 139 новоотворени компани, додека лани иако имал повеќе – 151 компанија, бил на 6-тата позиција.  За годинава, интересен факт е што и во Куманово и во Гостивар се отвориле по ист број на компании, по 127.

НАЈМНОГУ НОВООТВОРЕНИ ВРАТИ ВО ТРГОВИЈАТА

Анализата по дејности, покажува дека исти 5 сектори се во фокусот на инвеститорите, како оваа така и минатата година. Тоа се: трговија, хотелиерско-угостителски сектор, градежништво, услужни дејности и преработувачка индустрија.

Податоците покажуваат дека годинава најмногу новоосновани фирми има во трговијата, односно дека за 6 месеци се отвориле 838 фирми, но лани интресот бил поголем – се отвориле 986 вакви фирми.

Во бизнис-семејството влегоа и  437 фирми од услужниот сектор, 373 хотелско – угостителски капацитети, 306 градежни фирми и 291 фирма од преработуваќката индустрија.

ТОП 5 ДЕЈНОСТИ ПО ОТВОРЕНИ ФИРМИ ВО ПРВИТЕ 6 МЕСЕЦИ ОД 2021 ГОДИНА БРОЈ ТОП 5 ДЕЈНОСТИ ПО ОТВОРЕНИ ФИРМИ ВО ПРВИТЕ 6 МЕСЕЦИ ОД 2022 ГОДИНА БРОЈ
Трговија на големо и мало 986 Трговија на големо и мало 838
Објекти за сместување и сервисни дејности со храна 406 Други услужни дејности 437
Градежништво 358 Објекти за сместување и сервисни дејности со храна 373
Други услужни дејности 353 Градежништво 306
Преработувачка индустрија 320 Преработувачка индустрија 291

Извор: БизнисМрежа.мк

ПРОДОЛЖУВА..

Четвртиот дел од анализата ќе биде објавен на 25.07.2022

Редакција Пари