„Кичево Одржливо Експо“ утре дел од Белички средби во кичевско село Белица

Пчелари, билкари, грнчари и креативци од Кичевскиот Регион ќе учествуваат на второто издание на „Кичево Одржливо Експо“ кое е дел од Беличките средби, а ќе се одржи утре, 23ти јули 2022, сабота, со почеток од 17 часот во село Белица во организација на „Еко-свест“.

– Кичевскиот Регион има многу можности за развој кои не се поврзани со енергетскиот сектор. Можности за одржлив туризам, земјоделство, пчеларство, дури и органско земјоделство, собирање на бобинки, печурки и лековити растенија како дел од планинарските тури – сите овие се само некои од можностите кои на регионот можат да му донесат развој и да го стават на мапата на атрактивни дестинации кои треба да се посетат, вели Кристина Димитрова проектен координатор во „Еко-свест“ – Скопје.

Раде Момировски, еден од организаторите на настанот „Белички средби“, сака селото Белица да го направи посакувано место за живеење.

– Во Белица има безброј можности за туризам, земјоделство, пчеларство, производство на храна, но и за фармерски живот за млади брачни парови што е хит ширум Европа. Потребно е младите да се поттикнат и да им се потенцираат предностите на животот во селата. Реновираното поранешно училиште, кое локално го викаме „Беличката палата“, ќе биде една од тие места во кои може сите да се дружат, а Беличките средби се настан кој со децении нѐ прави уникатни во овој регион, привлекувајќи гости од земјата и странство, додава тој.

Организаторите со ова сакаат да испратат порака дека неопходно е сите ние да бидеме генерацијата што ќе ја зачува иднината и затоа сите се добредојдени утре, сабота, 23 јули 2022 од 17.00 часот на „Кичево Одржливо Експо“, на кое ќе можат да се запознаат и да се вклучат во неформална дискусија за начините како Кичевскиот Регион да стане “отпорен” на климатските промени преку развој на алтернативни зелени економски гранки.

фото: „Еко-свест“