Извештајот на ЦИА дава анатомска слика како и кога по Втората светска војна Бугарија почна да ја негира посебноста на Македонците, нивниот јазик и култура. И цврстиот одговор на Југославија. Пишува Љупчо Поповски
Лондонскиот весник „Фајненшел тајмс“ (ФТ) пред три дена во текст околу почнувањето на преговорите на ЕУ со Македонија и Албанија напиша дека бугарските услови за нашата земја се причина за загриженост околу плановите на Унијата за проширување на Балканот. Во овој текст се наведува и документот изработен од офицерите на ЦИА на 15 јануари 1971 година со наслов „Македонскиот синдром – хроничната криза во југословенско-бугарските односи“, кој го издржал тестот на времето. ФТ посочува дека овој документ е јасна анализа на „еден од најнерешливите историски спорови во Југоисточна Европа“ и дека и покрај различниот геополитички контекст „тензиите околу македонскиот идентитет останале нерешени“.
Во февруари годинава „Утрински брифинг“ на Слободна ТВ емитуваше 20-минутна снимка од обраќањето на Крсте Црвенковски во февруари 1968 година во македонското Собрание. Црвенковски тогаш беше прв човек на македонските комунисти – што значи и лидер на Социјалистичка Република Македонија. Во таа снимка извлечена од архивите Црвенковски зборува за односите меѓу Југославија и Бугарија, а во рамките на тоа и на Македонија со Бугарија. Неговото експозе изгледа како да било напишано оваа година, а не пред 54 години, затоа што поентите во него се целосно сегашни.
Говорот на Крсте Црвенковски и извештајот на ЦИА три години подоцна се однесуваат на иста работа – вителот што ги зафати односите меѓу Софија и Белград, во чија срж е бугарското непризнавање на македонскиот идентитет, наследство и јазик и оживување на сан-стефанскиот сон.
Историската наука во Македонија страда од голема инсуфициенција во истражувањето на современите настани, особено по Втората светска војна. Јавноста по неброено пати ги слуша истите приказни поврзани со митологијата – на пример, дали Александар Протуѓеров намерно отишол да полни вода и го оставил заспан Тодор Александров во една пиринска планина за да биде егзекутиран од двајцата придружници. Но јавноста не може да слушне детали од историско истражување за тоа како и кога почна влошувањето на односите меѓу Скопје и Софија по Втората светска војна и зошто Бугарија им се врати на сништата од Сан Стефано.
Тие работи може да ги прочитате токму во тој документ на ЦИА – „Македонскиот синдром“, од кого беше симната ознаката „тајно“ 40 години подоцна – во 2011 година. Ова е извонредно возбудлив документ. Од него стануваат појасни многу денешни работи. Па и тоа дека една силна земја и дипломатија – Југославија – имала големи маки да им се спротивстави на бугарските тврдења. И како цело време Југославија е поставена во заштита на македонскиот јазик, идентитет и посебноста на Македонците. Во документот и денес има работи што се редактирани и се празни, не се за објавување.
Еве еден значаен дел од она што го пишуваат разузнавачите на ЦИА во документот „Македонскиот синдром“:
Порој за Македонија
„Во последните четири години Југославија и Бугарија разменија порој на обвинувања за навидум опскурното историско прашање – етничкото и јазичното потекло на народот на југословенската република Македонија. Југословените тврдат дека целиот тој џагор, кога ќе се оддели од неговите академски претензии, го открива иредентизмот на дел од Бугарите.
За Софија, македонското прашање е меч со две сечила. Од една страна, тоа е експлоатирано за домашна бугарска употреба, овозможувајќи му на режимот да биде единствено слободно прибежиште за бугарскиот национализам, без страв од интервенција од Москва. Ниту Југословените не веруваат дека Софија, во сегашно време, има намера да ја преземе југословенска Македонија со сила. Од друга страна, еднакво јасно е дека бугарското лидерство ќе биде будно за секоја можност да се олабави односот на Белград околу Македонија во пост-Титовата ера и веќе подготви пат за цврсти барања околу нивните сопствени права во Македонија.
Југославија гледа на бугарското одбивање да ја признае одделната македонска нација како можна закана за југословенскиот територијален интегритет. Југословените станаа незадоволни во последно време, откако заклучија дека Кремљ премолчено ги одобрува тврдењата на Софија дека Македонија е населена со Бугари. Во Белград беше забележано дека бугарскиот притисок во Македонија го достигна врвот кога тензиите станаа невообичаено високи меѓу Белград и Москва, откако Југославија го изрази своето противење на советската окупација на Чехословачка во 1968.
Бугарската нејасна закана да го освои регионот е внатрешен дел од проблемот за сукцесијата. Југословените, од кои повеќето би сакале да ја задржат заедно нивната федерација после Тито, ги држат очите отворени на можната политичка нестабилност и дезинтеграција што би можела да дојде откако ќе почине Тито, што Бугарија би можела да ја искористи“.
Потоа се објаснува дека овие настани се рефлексија на југословенско-советските односи.
„Партискиот и владиниот шеф Тодор Живков ја испровоцира сегашната криза во доцната 1967-ма, во времето кога Белград и Москва беа во добри односи. Историски, македонското прашање секогаш имало свој сопствен живот, одразувајќи ги традиционалните балкански непријателства, бугарските и југословенските внатрешни потреби, како и доминатните ветришта на политичката арена во Источна Европа.
Па во 1967. и во почетокот на 1968. Бугарија презеде иницијатива во спорот, промовирајќи ги своите барања за Македонија. Во средината на 1968, поради гнојните проблеми во односите на Кремљ со Источна Европа, Советите станаа активни во судирот. Потоа, во доцната 1969, кога и Москва и Софија посакаа привремено намалување на интензитетот на спорот, опколената Југословија вербално го намали квантитетот кон двата противници, но е под пропаганден напад оттогаш. Така, идниот правец на македонскиот конфликт сега зависи од преференциите на Белград“.
ЦИА потоа дава бекграунд за тврдењата дека Македонците се Бугари отсечени од својата татковина. Па го споменува Договорот од Сан Стефано од 1878-та, кој на „модерната бугарска држава ѝ даде државна контрола над македонските земји за првпат“. ЦИА наведува дека оттогаш не престанале бугарските побарувања за оваа област, „иако од 1878. Софија ја имаше под контрола земјата вкупно само четири години“. Па ЦИА наведува дека Тито лично се вклучил во Македонија во јануари 1943. и ги повикал Македонците во Југославија да се борат за својата независност и да го бараат својот национален идентитет преку самоопределување.
Па се потсетува дека со југословенско-бугарското помирување во 1947. обединувањето на македонскиот народ на долга патека може да биде возможно. Се наведува дека за првпат на Македонците од југословенска Македонија им било дозволено да отворат училишта и книжарници во Пирин и македонски весници слободно да се продаваат во Бугарија. Дури ни прекинот на Тито со Сталин во 1948. не доведе до големо влошување на односите, ниту пак воскреснување на поранешните бугарски барања за Македонија, оценува ЦИА.
Таа мирна ситуација траела до доцните 1950-ти, кога Бугарите почнаа повторно да се жалат за загубата на оваа територија по Сан Стефано. Како го оценува тоа ЦИА?
„Ова вокализирање беше вообичаено ограничено во академските кругови во двете земји. Научните статии за Македонија беа разменувани од социјалните научници, кои дебатираа за вистинското културно и историско наследство на народот. Во правецот на разговорите на Тито и Живков во 1963. и 1965., како и дискусијата на Живков со шефот на македонските комунисти Црвенковски во 1967., беше заклучено дека ‘овие разлики’ не треба да бидат употребени како оправдување за полемика; туку повеќе дека ‘експертите треба да дискутираат за нив и да ја воспостават историската вистина за нив’.
Македонското прашање беше оживеано во кампањата која Живков ја покрена во 1965. Идејата беше да се развие етосот на патриотизмот и национален дух кај младината во тогаш емоционално стагнирачката земја. Спорот околу Македонија стана клучна точка во изградбата на националната гордост, која беше задушена од подреденоста на Бугарската комунистичка партија на Советскиот Сојуз. Беа објавени студии кои го ‘анализираа’ поранешниот однос на македонскиот народ кон Бугарија. Партијата го преоцени своето претходно стојалиште кон македонското прашање и заклучи дека презела некоректна и ‘не-ленинистичка позиција’ со откажувањето на бугарските побарувања за Македонија. Партијата тогаш резонираше дека ‘со таквата активност Бугарија го прифати странското владеење во областа која има доминантно бугарско население’. Шефот на Сојузот на бугарските писатели отиде уште подалеку есента 1966., кога го отфрли постоењето на посебен македонски јазик, заклучувајќи дека вистински тоа е варијанта на бугарскиот (изјава со која многу западни лингвисти би се согласиле)“.
ЦИА потоа му посветува внимание на оживувањето на Сан Стефано, наведувајќи дека „од 1967. многу бугарски професори и политичари се ангажирани во превртувањето на книги и статии кои го поддржуваат ставот дека Македонија етнички, историски и духовно припаѓа на бугарската нација. Одамна заборавените иредентистички автори и нивните трудови беа ‘реоткриени’ и републикувани. Во јануари 1967 Софија го прослави роденденот на Гоце Делчев, починатиот македонски патриот, кој во таа пригода беше означен како ‘бугарски патриот’“.
Прашањето беше подигнато на ниво на официјалните билатерални односи на 29 јануари 1968., кога бугарскиот амбасадор во Белград беше советуван од југословенското Министерство за надворешни работи дека инсистирањето на Софија на македонското прашање ќе им „наштети“ на односите меѓу двете земји. Без оглед на ова укажување, ЦИА наведува дека во февруари 1968 година, на 90-годишнината од Сан Стефано, „Бугарите одржаа масовна церемонија во Софија, на која учесниците ламентираа за бугарската загуба на Македонија“.
Понатаму ЦИА пишува: „Во ноември 1968. Бугарската академија на науките, по партиска директива, издава памфлет во кој се тврди дека Македонија никогаш не постоела етнички, национално или лингвистички како нација одделена од Бугарија. Оваа публикација наведува дека сите Македонци, дури и тие во Југославија, во основа се Бугари. Таа го обвинува Белград дека притиска за интеграција на македонскиот народ со Југословените. Во неа се вели дека Бугарија ќе продолжи да бара ‘конструктивно решение’ за македонскиот проблем кој ќе ѝ овозможи на Македонија ‘слободно определување и изразување на националноста и нејзините национални чувства’ имплицирајќи дека, се разбира, тие ‘национални чувства’ се бугарски. Овој трактат беше радиоемитуван во Југославија, беше циркулиран во Источна Европа.
Белград подоцна соопшти дека неколку лица во југословенската Македонија биле уапсени за дистрибуирање на овој ‘иредентистички памфлет’“.
Американската разузнавачка агенција го следи текот на настаните и влошувањето на односите меѓу двете земји. Бугарските лидери ја бојкотирале прославата на Денот на републиката во ноември во Софија, почнале да се слушаат гласини дека Варшавскиот пакт наскоро ќе одржи воени маневри во Бугарија, близу границата со Југославија. Односите стануваат вирулентни особено по бугарското тврдење дека тие ја ослободиле Македонија во 1944, што Белград категорички го отфрли и на него гледаше како на „имплицитна закана“.
Потоа се одржуваат неколку состаноци на југословенски и бугарски политичари, како и на дипломати, за да се намали тензијата, но сите тие се претвораат во „фијаско“, наведува ЦИА. Откако Советскиот Сојуз доживеа општа осуда поради интервенцијата во Чехословачка во август 1968 година, Москва сака да ги намали тензиите во кои е вклучена земја од нејзиниот блок, иако одредени кругови во Бугарија посакуваат да се примени „чехословачкиот модел“ и во Југославија. Бугарскиот прв заменик-премиер Живко Живков во јавна изјава рече дека неговата земја „нема никаков интерес за територијална експанзија“.
Но малку подоцна Софија ја засилува својата антипатија кон системот на Тито, Југославија се обвинува за „ревизионизам“. А политиките и програмите на Тито се означени како „антисоветски“. Живков држи изразито антијугословенски говор. Југословенските власти испраќаат и втора протестна нота на 12 февруари 1969 година, во која ја обвнинуваат Бугарија за создавање „атмосфера на немир и тензии на Балканот“.
ЦИА ги наведува натамошните случувања почнувајќи од истиот ден кога била испорачана нотата:
„Вршителот на должноста југословенски министер за надворешни работи Мишо Павичевиќ одржа говор во Сојузното собрание, во кој рече дека бугарската политика не може да биде ‘разбрана поинаку отколку како потхранување претензии спрема интегрални делови на Југославија’. Во март 1969., во македонскиот град Охрид 2.000 луѓе демонстрираа против бугарската ‘анти-југословенска кампања’. Во мај југословенскиот заменик-министер за надворешни работи зборуваше за ‘балканска конфронтација’, обвинувајќи ги Бугарите за територијални претензии, вмешување во југословенските внатрешни работи и субверзивна пропаганда“.
Според извештајот на ЦИА потоа следи мало смирување на состојбата, но „за Југословените не може да има унапредување на односите сѐ додека Софија официјално не го промени својот став за Македонија“. „Во почетокот на јули Белград провокативно ја тестираше бугарската ‘нова’ добра волја. Три нормално рутински документи за соработка од 1971. до 1975., економски протокол, радио-ТВ протокол и договор за пограничен сообраќај – беа презентирани на македонски јазик за потпис на Софија. Бугарите со поцрвенети лица одбија да ги потпишат протоколите, по што југословенскиот печат скокна на тоа прашање, означувајќи го одбивањето како ‘оживување на големобугарските побарувања на суверената македонска територија’… Три пати во текот на 1970. бугарскиот премиер Тодор Живков барал средба со Тито лице в лице за да разговараат за главните точки во разликите, но кога претставниците на двете земји конечно се сретнаа на 9 и 10 ноември во Софија да ја подготват таквата средба, резултатите беа катастрофални. Бугарите дојдоа на средбата определени да изградат фасада за договор дискутирајќи за неконтроверзни прашања. Но Југословените објавија дека Македонија е единственото главно прашање и наведоа дека тоа ќе биде јадрото на секои преговори. Партискиот секретар Велчев, шеф на бугарската делегација, извади документ од неговата чанта, кој бил подготвен за таква евентуалност. Бугарите ќе признаеле дека ‘македонска држава’ се појавила по Втората светска војна, но тие ригидно инсистирале дека македонскиот народ во таа држава етнички и културно е бугарски и дека неговата територија не е завршно дефинирана. Велчев потоа изјавил дека иако сегашната бугарска влада е подготвена да го реши македонскиот проблем, тој не е сигурен дека следната генерација Бугари ќе има иста таква желба. Шефот на југословенската делагација одговорил дека оваа бугарска позиција ја негира позицијата востановена од бугарскиот херој Георги Димитров и Коминтерната. Потоа разговорите завршиле, а полемиките во југословенскиот печат остро се зголемија“.
Има уште многу детали во овој извештај на ЦИА, кој завршува вака: „Белград сега инсистира дека пред секое приближување Софија мора конкретно да го признае постоењето на македонската нација во Југославија, да демонстрира подготвеност за слободно изразување на македонскиот национален иднетитет во бугарскиот Пирин и јавно да ги отфрли своите позиции од 1967. Ако Живков е сериозен за подобрување на односите со Тито, тој ќе мора да го прифати првиот од овие три услови. Ако Тито сака соодветно да одговори, тој ќе мора да се откаже од последните две барања“.
Овој таен извештај на ЦИА покажува како во Софија ништо да не се променило од 1967 година досега.
Дојче Веле