Четири лица ги загубија животите во земјотресот со интензитет од 7 степени кој го потресе островот Лузон во северниот дел на Филипините, јавува Агенција Анадолија (АА).
Институтот за вулканологија и сеизмологија на Филипините објави дека утрово земјотрес со интензитет од 7 степени според Рихтеровата скала е почувствуван во провинцијата Абра во северниот дел од островот.
Утврдено е дека епицентарот на земјотресот, кој е регистриран на 3 километри северозападно од градот Тајум, бил на длабочина од 10 километри.
Претседателот Фердинанд Маркос џуниор наредил итно испраќање на спасувачки и хуманитарни екипи во зоната на катастрофата, а и самиот ќе го посети регионот во текот на денот.
Министерот за внатрешни работи, Бенџамин Абалос, информира дека досега се откриени двајца загинати во провинцијата Бенге, едно лице во провинцијата Абра и едно лице во друга провинција.
Во земјотресот се повредени 60 лица.
Се стравува дека е можно зголемување на бројката на смртни случаи предизвикани од силниот земјотрес, кој предизвика големи оштетувања во многу населени места во околината.
извор: Агенција Анадолија (АА).
фото: Агенција Анадолија (АА).