Македонската влада ќе спреми нов закон, со кој ќе се овозможи отворање на сите досиеја од 1945 до 1991 година досега, со што тие ќе бидат јавни и достапни за сите, дознава БИРН.
Станува збор за решение со кое ќе се испочитува обврската од протоколот што го потпишаа министрите за надворешни работи на Македонија и на Бугарија, Бујар Османи и Теодора Генчовска.
Во него се прецизира дека „сеопфaтната правна рамка за целосно отворање на архивите на репресивниот апарат на поранешните служби за државната безбедност од комунистичкиот период, вклучително полицијата, цивилното и военото разузнавање и контраразузнавање“ би требало да биде готова за една година.
Во актуелниот закон, архивскиот материјал е јавно достапен по истекот на 20 години од неговото создавање. Но, тоа не важи за архивите што се однесуваат на „разузнавачката и безбедносната дејност“ за што се предвидува да бидат достапни сто години по нивното создавање.
Сегашниот закон предвидува досиејата што се декласифицирани во рамки на процесот на лустрација да можат да ги видат само лично следените или нивните роднини.
Информацијата дека ќе има нов закон, прв ни ја соопшти пратеникот Павле Трајанов, чија партија Демократски сојуз е дел од владејачката коалиција.
„Според нашите информации, веќе се спрема нов закон, со кој ќе се овозможи сите досиеја да бидат целосно јавно достапни за сите заинтересирани“, вели Трајанов.
Владини извори за БИРН ја потврдуваат информацијата, а официјално одговараат воздржано. Нагласуваат дека има доволно време за имплементација на овој дел од протоколот за „добро да ги дефинираме работите и да ги канализираме, за тие на најдобар начин да се реализираат“.
Текстот во целост на: prizma.mk.