Вкупно пет случаи на мајмунски сипаници се досега потврдени во Туркије, изјави министерот за здравство на земјата, Фахретин Коџа, јавува Агенција Анадолија (АА).
Зборувајќи по состанокот во Кабинетот во главниот град Анкара, Фахретин Коџа рече дека од пријавените случаи закрепнале четворица, додека еден е во изолација.
„Тоа (мајмунските сипаници) не претставува ендемски ризик за нашата земја“, додаде Коџа.
Мајмунските сипаници, прогласени за вонредна здравствена состојба на глобално ниво од Светската здравствена организација (СЗО) на нејзиното највисоко ниво на тревога, претежно се шират преку сексуален контакт, контакт кожа на кожа, како и споделувајќи постелнина, пешкири и облека според здравствените власти.
Симптомите на вирусот вклучуваат осип, малаксаност, треска, отечени лимфни јазли, главоболка и болка во мускулите.
Оваа година повеќе од 16.000 случаи на мајмунски сипаници се пријавени во повеќе од 75 земји и пет смртни случаи во Африка.
Според претседателот на СЗО, Тедрос Аданом Гебрејесус, епидемијата е концентрирана помеѓу мажите кои имаат секс со мажи.
„Иако 98 проценти од случаите досега се помеѓу мажите кои имаат секс со мажи, секој што е изложен може да добие мајмунски сипаници, поради што СЗО препорачува земјите да преземат акција за да го намалат ризикот од пренесување на другите ранливи групи, вклучително деца, бремени жени и оние кои имаат ослабен имунолошки систем“, соопшти Тедрос минатата недела.
извор: Агенција Анадолија (АА).
фото: Агенција Анадолија (АА).