Недостиг на работна сила во Германија: Сакате ли да работите кај нас само четири дена во неделата?

0
319

Недостигот на квалификувана работна сила во Германија е веќе толку голем што ги принуди работодавците да смислуваат нови решенија. На крајот на овој концепт не се бунат клиентите, туку конкуренцијата.

Практично половина (49,7% од испитаните компании) во истражувањето на економскиот институт Ифо се жалат дека се принудени да ја намалат понудата поради недостаток на работна сила. И ситуацијата се влошува: во истото истражување спроведено овој април, 43,6% од компаниите го имале овој проблем, што е највисок процент од почетокот на ваквите истражувања во 2009 година.

Тогаш само десет отсто од компаниите се жалеа на недостиг на квалификувана работна сила, но во меѓувреме тоа стана вистински проблем. Услужниот сектор е најтешко погоден, без разлика дали се работи за само привремено вработени (77,9%) или специјализирани интелектуални услуги, како што се даночни советници и ревизори (71%). Се жалат и компаниите од преработувачката индустрија (44,5%), трговијата на мало (41,9), трговијата на големо (36,3%), од градежниот сектор (39,3%)…

Најмалку поплаки има во компаниите од фармацевтскиот сектор (17,2%) и хемиската индустрија (24,1%), а автомобилската индустрија моментално има други проблеми, па таму се жалат 30,5% од испитаните компании, додека таа бројка во машинството е само малку под просекот (43%).

Утре не работиме

И додека големите компании сè уште некако го „крпат“ своето производство со работниците што ги имаат, за малите компании – а особено за занаетчиите, работите се рамни на катастрофа. За некако да привлечат и задржат добри работници, тие се принудени да бараат нови решенија.

Така е и со Томас Шмаузер, кој има компанија за инсталатерски услуги во близина на Нирнберг. Го посетивме минатиот четврток. Следиме како тој ги распоредува луѓето на задачи и кажува што треба да се направи веќе денес, бидејќи четврток е последниот работен ден во неделата за неговите вработени – тие не работат во петок, сабота и во недела. Понудата до вработените звучи добро, иако и газдата има ќар од тоа: од понеделник до четврток се работи девет и пол часа – што и онака не е исклучок на градилиштето, а потоа секој работник има три слободни дена. Значи 38 наместо 40 часа неделно за иста плата.

Мајке Бем кај него работи како инсталатерка и е презадоволна: може да се отпатува некаде во текот на долгиот викенд, а и многу е полесно да одиш на лекар или да направиш нешто кога го имаш на располагање цел работен ден, без да користиш денови од годишен одмор, вели таа за телевизијата АРД. Задоволен е и инсталатерот Лукас Платнер: фактот што работат малку подолго едвај се забележува, бидејќи и онака им треба барем половина час повеќе за да се подготват алатите и да се исчисти градилиштето по работата. А, сега троши помалку гориво, затоа што не мора да патува на работа во петок.

Помалку денови – и повеќе пари!

Задоволен е и сопственикот, затоа што се случува нешто чудно: вака работат веќе половина година, а за тоа време имаат поголем промет отколку што имале со пет работни дена. Шефицата Штефани Шмаузер има вакво објаснување: „Позитивниот ефект е што работиме поефикасно. Луѓето се добро одморени затоа што се слободни од четврток и имаат време да уживаат во слободното време“. И кога работите малку подолго секој ден, ќе завршите повеќе.

Шмаузер ни вели дека и клиентите не се жалат – сите знаат како е на градилиште и дека никогаш не е сигурно дали мајсторот воопшто ќе дојде. А кога работата ќе се заврши брзо, никој не прашува ништо. Затоа најмногу критики слуша од своите колеги и други претприемачи кои сметаат дека тоа е прекршување на фер пазарна конкуренција.

А конкуренцијата, односно борбата за добар работник, е во полн ек, вели Даниел Терзенбах, член на управниот одбор на Агенцијата за вработување: „Денес работодавачите треба да направат сѐ за да ги привлечат работниците кои сѐ уште се тука. Така излегува дека задржувањето и наоѓањето нови луѓе е еден од најважните предизвици за претприемачите, бидејќи има сѐ помалку луѓе на пазарот на трудот“.

Тешко е да се привлечат луѓе со пари, бидејќи е сè потешко да се подмират сите обврски, а сепак нешто и да се заработи. Но, прилагодување на работната недела на овој начин – тоа може лесно да се направи.

Дотолку повеќе што сопственикот на фирмата за монтажа забележал дека и тој штеди: три службени возила не возат еден ден во неделата, канцеларијата е затворена и не треба да се грее… За него нема сомнеж : во петок не работи, освен можеби за итни интервенции, кога најверојатно ќе мора сам да интервенира.

 

Дојче Веле