Почина жената од Неготино која беше крвнички претепана од партнерот

Во тек на вчерашниот ден во Клиничкиот центар „Мајка Тереза“ во Скопје почина 46-годишната жена од Неготино, која беше претепана од страна на нејзиниот партнер П.Н. (51) во раните утрински часови на втори август. Таа од тогаш беше во кома поради тешките повреди и се бореше за живот.

Според д-р Маја Мојсова, раководителка на Клиниката за анестезија, реанимација и интензивно лекување, жената кај нив била донесена со многу тешки повреди на мозокот и черепот.

Неготино е во шок од настанот. Жртвата беше мајка на две полнолетни деца, а со П.Н. од Неготино била во врска подолг период. Според информации од СВР Велес, во домот во кој живееле тој врз неа извршил насилство и ја удирал со боксови по главата.

Настанот бил пријавен во полиција од страна на дежурниот лекар од Итната медицинска помош Неготино, по што насилникот бил лишен од слобода во 03.35 минути од страна на полициски службеници од ПС Неготино. Во итната помош пак, настанот го пријавил самиот П.Н.

фото: Архива