По половина век на печалба, повторно во родното Зубовце

По 54 години минати на печалба во далечната Австралија, 80-годишниот Здравко Велјановски деновиве се врати во родното село Зубовце, Гостиварско. Пресреќен е што е дома меѓу своите роднини и блиски, иако најмал дел од животот го минал во родното место.
Дома си е дома. Нема ништо поубаво од тоа да си во родниот крај, каде што си свој на своето и воздухот најубаво се дише. Не можам да си објаснам како на печалба останав повеќе од половина век од животот, а отидов на неколку години, да спечалам и да се вратам. Не знам што се случи со мене. Условите за живот и за работа беа просечни, ништо не ме привлекуваше да останам толку долго. Носталгијата постојано ме прогонуваше да се вратам во Македонија, но, ете, не можам да си објаснам зошто тоа не се случи во тие години, туку целиот работен век и повеќе да останам, а туѓата држава не ме привлекуваше и со ништо не ме задолжи да останам?! А заминав без размислување, без да знам како се живее и печали во посакуваната Австралија – ја започна својата животна приказна Здравко.
И покрај тоа што годините му натежнале, тој е витален, енергичен и подготвен да започне нов живот во третата доба. Подзастана и продолжи да зборува.
– Уморен сум од животот во Австралија. Кога тргнав на печалба имав 26 години, бев наивен што им поверував на блиските дека Австралија е богата земја, има работа, лесно и брзо се станува богат! Тоа беше далеку од вистината – вели Велјановски.
Велјановски, кој почна да ја троши деветтата деценија од животот, продолжи да ни го раскажува своето патешествие.
– Со нетрпение го чекав часот да полета авионот од Сиднеј и да си дојдам во мојата Македонија. Влегов во „челичната птица“, пред да седнам на седиштето, се прекрстив и му се помолив на Севишниот. „Господе, од дното на душата, најискрено те замолувам, жив и здрав да си стигнам во моето родно Зубовце, во мојата мајка Македонија! Ако авионот, со кој се враќам од печалба, треба да падне, те замолувам, тоа да се случи над Македонија и најблиску да бидам до неа кога ќе се преселам во небесата – нагласува тој, со доза на тага, која се чувствува во неговиот глас.
Пензионерот Велјановски во работниот век сменил над 20 професии, повеќе работел во тешки услови, исцрпувачки, никогаш не ја заработувал платата лесно, работел истовремено и на две-три работни места.
Сега ми е јасно, дека ако и во Македонија се работи како и во Австралија, многу повеќе може да заработи – вели Велјановски.

Нашиот соговорник четврто одделение завршил во родното село, а во соседното Врапчиште од петто до осмо одделение. Образованието го продолжува во средното економско училиште во Гостивар, а последните две години ги завршува во средното угостителско училиште во Скопје. Веднаш по матурирањето се вработил како келнер и готвач и седум години работел во неколку угостителски претпријатија во Пула, Пореч, Изола, Порторож и во други туристички места на Јадранско Море. Авантуристичкиот дух и желбата брзо да се збогати го привлекле да замине на печалба во далечната Австралија.
За печалбарските години и за работењето, Велјановски ни раскажуваше со часови. Од неговиот живот издвоивме само мал дел, а може да се напише роман.
Животот ми беше тежок, многупати неподнослив, го проколнував денот кога решив да одам на печалба и од мака си ја потпевнував песната „Проклета да е Австралија“. По пристигнувањето во Австралија, се вработив во железарница, во топилница за челик, на најтешки работни места, а малку платени. Овие работни места беа резервирани за печалбарите од Балканот. По шест месеци се вработив во кујна на ресторан, да мијам садови, да ја одржувам хигиената, потоа работев во солана, копав сол – повторно тешки работни места, а малку платени. Често ги менував фирмите и работните места, минуваа години, работев само да преживеам. Среќата, ако така можам да речам, ми се насмеа последните години од престојот во Австралија. Работев како возач на камион, а потоа бев обезбедување на банкоматите, работев и по 20 часа – вели Велјановски.
Немал среќа ни во семејниот живот. Зад себе има еден пропаднат брак со Англичанка и две деца. Синот му заминал во Англија, а ќерката останала во Сиднеј.
Накратко тој ни ја раскажа животната приказна за времето поминато во Австралија. На крајот, само воздивна и продолжи да ни говори за плановите.
Тоа што било, поминало, ништо не можам да вратам и да поправам. Гледам во иднината. Сакам да изградам куќа во Зубовце и преостанатиот дел од животот да го живеам без грижи. Зубовчани добро ме прифатија и на овие години сфатив што е животот – ни рече на крајот нашиот соговорник Здравко Велјановски, човекот што практично го живее својот втор живот во Зубовце.

 

novamakedonija.mk