НАЈГОЛЕМИТЕ 100 КОМПАНИИ ВО 2021 ГИ „НАДИГРАЛЕ“ НАЈГОЛЕМИТЕ 100 ОД 2020: Приходи поголеми за 25%, а профити за 24%!

0
335

Минатата година македонскиот бруто домашен производ забележа раст од 4 проценти откако претходната 2020 година имаше намалување за 4,5 проценти. Најголемите компании, кои се и двигатели на растот на бруто домашниот производ, очекувано во 2021 година покажаа подобри податоци како за приходите, така и за добивките.

Порталот „Пари“ во соработка со БизнисМрежа.мк и Таргет груп почнува да го објавува серијалот за 100-те најголеми компании во државата. На увид на јавноста ќе бидат претставени најмоќните компании во државата од кои зависи економијата. Ви напоменуваме дека предмет на рангирањето на 100 НАЈГОЛЕМИ се компаниите –  трговски друштва во приватна сопственост. Ранг листата не вклучува правни лица, банки, осигурителни компании, државни институции, компании во државна сошственост и останати правни лица кои не се регистрирани согласно законот за трговски друштва.

Најголем дел од компаниите кои биле во ТОП 100 најголеми компании во 2020 година влегле во ТОП 100 најголеми во 2020 година, сепак има промени на ова водечко „бизнис  друштво“. За тоа кои се новите 100 најголеми компании за 2021 година, за почеток, ќе ви ги преставиме статистиките за вкупниот раст на 100 најголеми компании – по приход, добивка и вработени во 2021 година во однос на 2020 година, а во наредните денови и детално ќе се запознаете со рангирањето и финансискиот профил на компаниите.

100-ТЕ НАЈГОЛЕМИ КОМПАНИИ ДОНЕЛЕ ПРИХОД ОД 10,3 МИЛИЈАРДИ ЕВРА

Податоците покажуват дека 100-те најголеми компании по приход, минатата година оствариле вкупен приход од 10,3 милијарди евра. Во 2020 година пак, истите овие компании имале вкупен приход бил 8,16 милијарди евра, што значи дека минатата година имале подобар резултат за 2,14 милијарди евра, или раст за околу 25%. Инфлацијата во 2021 година се уште не беше во размери каква што е сега, така што овие компании имаат и голем реален раст на приходите, не само во номинална вредност. Имено, инфлацијата во 2021 година беше 3,2% во однос на 2020 година.

Од податоците може да се види дека на самиот врв, во првите 10 компании по направен приход се компаниите што се во бизнисот со горива и струја, како и компании од технолошко-индустриските развојни зони, но за нив ќе читате подетално во следните објави.

Овие 100 најприходни компании лани оствариле добивка од 570,6 милиони евра, а во 2020 година имале вкупна добивка од 412 милиони евра. Податоците покажуваат дека 5 од компаниите, иако се во друштвото на најголеми по приходи, прават и сериозни загуби. За една веќе пишувавме. Имено, ЕВН хоум иако лани направила приход од 335,7 милиони евра, годината ја завршила со црвено салдо од 703.000 евра, но сепак тоа е многу помалку од загубата во 2020 година – од речиси 12 милиони евра. Вкупните загуби што ги направиле петте компании се 20 милиони евра, а во 2020 година од сегашната листа на 100 најприходни фирми имало дури 12 кои биле во загуба, а вкупниот износ на загубата бил 58,5 милиони евра.

Минатата година донела и нови вработувања во најголмите компании. Така нивнио вкупен број од 50.338 вработени во 2020 година се зголемил на 52.134 вработени.

Групни податоци за 100-те најголеми компании по приход

100 НАЈГОЛЕМИ КОМПАНИИ ПО ПРИХОД 2021 ГОДИНА 2020 ГОДИНА
Вкупни приходи 10,3 милијарди евра      8,16 милијарди евра
Вкупни добивки  570,6 милиони евра 412 милиони евра
Вкупни загуби 20,0 милиони евра    58,5 милиони евра
Вкупно вработени 52.134 50.338

*извор: БизнисМрежа.мк

ДА СИ НАЈГОЛЕМ ПО ПРИХОД НЕ ЗНАЧИ И ДА СИ НАЈГОЛЕМ ПО ДОБИВКА

Податоците за 100-те најголеми компании по добивка покажуваат дека тие оствариле вкупна добивка од 735,5 милиони евра во 2021 година, додека во 2020 година, добивката на овие компании била 517,4 милиони евра, што значи дека за една година се зголемила за 42%.

Но, ако се споредат податоците за најприходните и најпрофитабилните компании, може да се види дека само 3 компании од ТОП 10 најголеми по приход се во групата на ТОП 10 најголеми по добивка.

Интерсен е и фактот што 5 компании кои во 2021 година биле во загуба , во 2020 година влегле во 100-те најпрофитабилни (за нив ќе посветиме посебен текст).

Инаку, вкупните добивки на најпрофитабилните компании се генерирани од нивен вкупен приход од 7,86 милијарди евра (околу 2,4 милијарди евра помалку од она што го оствариле 100-те најголеми фирми по приход).

Во 100-те најголеми компании по добивка имало и помалу вработени во однос на 100-те најголеми компании по приход. Односно кај нив лани биле вработени 47.651 работник.

Групни податоци за 100-те најголеми компании по добивка

100 НАЈГОЛЕМИ КОМПАНИИ ПО ДОБИВКИ 2021 ГОДИНА 2020 ГОДИНА
Добивки 735,5 милиони евра 517,4 милиони евра
Приходи 7,86 милијарди евра 6,29 милијарди евра
Вработени 47.651 46.392

*извор: БизнисМрежа.мк

НАЈГОЛЕМИТЕ 100 РАБОТОДАВАЧИ ВРАБОТУВААТ 78.329 РАБОТНИЦИ

Минатата година 100-те најголеми работодавачи вработиле 78.329 работници. Истите тие фирми, во 2020 година имале 76.598 вработени.

Во ТОП 5 работодавачи, ниту една компанија не е од првите 10 најприходни, или најпрофитни фирми. Па така, овие 100 најголеми работодавачи во 2021 година направиле вкупен приход од 7,3 милијарди евра, а тоа е подобро од 2020 година кога имале реализација од 6,2 милијарди евра. Вкупната добивка на овие компании во минатата година била 456 милиони евра, а во 2020 била 350 милиони евра.

И меѓу најголемите работодавачи има компании што работеле со загуба, но добрата вест е што таа вкупна загуба е значително помала во 2021 година во однос на 2020 година. Имено, во 2021 година вкупната загуба им била 28 милиони евра, додека во 2020 година изнесувала 53,8 милиони евра.

Групни податоци за 100-те најголеми работодавачи

100 НАЈГОЛЕМИ КОМПАНИИ ПО ВРАБОТЕНИ 2021 ГОДИНА 2020 ГОДИНА
Вработени 78.329 76.598
Приходи 7,3 милијарди евра 6,2 милијарди евра
Добивки 456 милиони евра  350 милиони евра
Загуби 28 милиони евра 53,8 милиони евра

*извор: БизнисМрежа.мк