Претседателот на Србија, Александар Вучиќ најави дека во договор со поголемиот дел од Владата и премиерката Ана Брнабиќ, ќе биде откажана или „одложена“ Парадата на гордоста „Еуропрајд“, која беше најавена за во септември.
Според претседателот, парадата не може да се одржи во политичката ситуација во која се наоѓа Србија, пренесува „Н1“.
„Премиерката и Владата ќе објаснат според кој закон е откажана Парадата на гордоста, или како и да се вика тоа“, изјави Вучиќ на прес-конференција, додавајќи дека нема да навлегува во тоа колку лаги биле пласирани околу парадата и колку семејни прошетки, односно контра протести биле најавени.
Според зборовите на претседателот, причина биле и граѓаните кои искрено веруваат дека станува збор за „големо зло“.
„Го загрозуваме правото на малцинствата, но во овој момент државата е пристисната од многу проблеми – суша, обезбедување, има доста кризи. Едноставно, не е во прашање дали тие се посилни, едноставно во еден момент не можете сè да постигнете и тоа е тоа. Во некое друго, малку посреќно време, кога ќе има помалку лаги…“, истакна Вучиќ.
Тој порача дека треба да се засрамат сите оние кои го споредуваат „Еуропрајд“-от со ситуацијата на Косово.
„ЕуроПрајдот“ е најголемиот ЛГБТИ+ настан преку кој се одржува Парадата на гордоста на континентот Европа, а секоја година различен европски град е домаќин на настанот.
Парадата на гордоста „Еуропрајд“ беше најавена дека ќе се одржи во Белград во средината на септември, односно од 12 до 18 септември. Европската манифестација требаше за прв пат да се одржи на Балканот, а организаторите најавуваа околу 15.000 туристи и посетители.
Марко Михаиловиќ, активист од „Белград Прајд“, на својот твитер профил објави дека „Еуропрајдот“ не може да се откаже.
Država EuroPride ne može da otkaže – može samo da proba da ga zabrani, što bi bilo jasno kršenje Ustava kao i presuda ustavnog suda koje zabrane Prajda iz 2011,12,13. god. proglašavaju neustavnim.
Prajd se održava po planu 17.09. u 17h ispred Narodne Skupštine!
💪🏳️🌈🇷🇸— Marko Mihailović (@PalpFiksn) August 27, 2022
фото: Архива