Генетичарот Димитар Џундев за Вечер: Можете да ја смените историјата, но не и гените! Имам феноменални резултати кои би одекнале како атомска бомба

Со генотипизирање кое наскоро ќе го објавиме успеавме да докажеме дали нашите предци биле Словени или антички Македонци.

Можете да ја смените историјата, но не и гените! Вие можете со разни договори да ги смените учебниците по историја, да ги смените книгите, да ги принудувате историчарите да пишуваат според владините барања за промена на историјата, но не можете да ги смените гените и крвта која тече во нашите вени! Буквално, во нашите вени тече историјата на Македонија. По објавувањето на резултатите, сите хипотези за потеклото на македонскиот народ треба да бидат затворени и да се официјализира тоа што ние ќе го тврдиме. Дури и тоа сега што досега го имаме како резултат, ќе предизвика земјотрес кај македонската јавност, вели во ексклузивното интервју за весникот ВЕЧЕР, генетичарот Џундев.

Љубчо АЛЕКСОВСКИ

vecer.press: Кој е Димитар Џундев, човекот за кој знае светот, но малкумина во родната Македонија?

Димитар Џундев :Роден сум во Гевгелија, каде што го завршив основното образование, а потоа средно продолжив во Скопје. За време на средното образование имав освоено дваесетина први места, награди, медали и признанија на државните и меѓународните натпревари по хемија, математика, физика и астрономија. Во тоа време бев еден од најнаградуваните средношколци воопшто од независноста до тогаш.

Благодарение на сите овие награди, бев примен да студирам на повеќе елитни универзитети, сите рангирани во првите 100 најдобри универзитети во светот. Бидејќи од високо рангираните универзитети, студиска програма за дипломиран генетичар постои само на Универзитетот „Шефилд“ во Велика Британија, јас на крајот се одлучив да заминам на „Шефилд“ и таму да го продолжам моето образование. За првпат таму имав можност да работам со дел од најдобрите научници во светот, а на денот на дипломирањето бев награден и со престижната награда Sheffield Graduate Award.

Постдипломски студии продолжив на Лудвиг-Максимилијан Универзитетот во Минхен (LMU), кој е еден од најстарите и најелитен германски универзитети. За време на магистерските студии, имав можност дел од моите студии да ги поминам по еден семестар на Швајцарскиот федерален институт за технологија во Цирих (ETH Zurich) и седум месеци на престижниот Центар за геогенетика на Универзитетот „Копенхаген“. Во ETH Zurich работев на истражување за населувањето на Маорите во Нов Зеланд, додека пак во Копенхаген работев на биоинформатички анализи на геномот за определување на македонското потекло. Секаде кај што студирав имав феноменални услови за учење и работа, работев со дел од најдобрите научници и бев образован да бидам добар генетичар. Дополнително, се имам здобиено со работно искуство во Македонската академија на науките и уметностите, Руската академија на науките, како и во Швајцарскиот федерален институт за водена наука и технологија (EAWAG), а мал временски период престојував и во Полската академија на науките. Со знаењето и искуството, кое го стекнав на најдобрите универзитети во светот, се вратив во Македонија и ја основав Генем – првиот старт-ап за античка ДНК и палеогеномика во светот.

vecer.press:Од каде идејата за истражувањето на поврзаноста на денешните Македонци и античките, колку време и со кого го правевте истражувањето, колку примероци беа собрани и каде беа испитувани?

Димитар Џундев: Пораснав слушајќи ги приказните за нашето потекло од градовите на античките Македонци и газејќи по земјата полна со коски на луѓето кои живееле на оваа земја пред илјадници години. Логично е да се запрашаме кои сме ние, што се крие во крвта која тече во нашите вени, дали античките Македонци или Словените се нашите предци…

Поради тоа, започнав истражување во Руската академија на науките (РАН) за потеклото на македонскиот народ. Јас добив грант од германската, односно баварската влада, а РАН имаше свои ресурси со кои го започнавме истражувањето, за кое имавме финансии за околу 80 примероци. Подоцна истражувањето се прошири на вкупно 250 луѓе, од Македонци и уште две етнички групи. Примероците беа земени од сите делови на етничка и историска Македонија, во согласност со македонските дијалекти, а лабораториската работа ја продолжив во Руската академија на науките во Москва. Во РАН ги анализирав варијантите на Y хромозомот, кои постојат кај Македонците, односно предците по машка линија на испитаниците. Со генотипизирање ние успеавме да направиме јасна разлика и да дефинираме дали предците на определена личност биле Словени, кои се населиле на овие простори, или пак се домородно античко-македонско население. Методот на работа вклучува комплексни анализи за дали тестираните лица се директни биолошки наследници или, пак, колку се блиску до древните луѓе кои живееле во Македонија, на Балканот, зад Карпатите, и на другите региони на Медитеранот и Евроазија.

За истражувањето да биде поткрепено со цврсти докази, потребно е да се извршат дополнителни секвенционирања на геномот, како и низа други комплексни анализи со кои никој во светот нема да се осмели да ги побие нашите истражувања. Но сè што е квалитетно, е и премногу скапо, а исто така и бара премногу време и енергија.

За ваква круцијална тема како потеклото на македонскиот народ, македонската (поранешна) влада ни денар нема дадено, па на почетокот мораше германската (баварската) влада да го финансира и да поддржи дел од истражувањето. За жал, освен германската, поточно баварската влада и руската академија, никој друг не се интересираше за истражувањето, особено не во Македонија. Дури, една државна национална институција ја попречи мојата работа со изговор за истражувањето дека, ќе ги цитирам со нивни зборови „тоа Грција не го сака“. Буквално, институциите ја мешаат политиката во науката, што е апсолутно недозволиво. Во светот постојат многу места за финансирање на наука со грантови за испитување на научни теми и проблеми, но никој нема да финансира истражување на Македонците, бидејќи тоа не е во нивен интерес. Јас добив понуди да работам на демографската историја на Данците и други народи, но немам мотивација и желба тоа да го правам, мојата цел е да ги откријам тајните на крвта која тече во нас.

vecer.press: Што покажаа резултатите од досегашните завршени испитувања?

Димитар Џундев: Можете да ја смените историјата, но не и гените! Вие можете со разни договори да ги смените учебниците по историја, да ги смените книгите, да ги принудувате историчарите да пишуваат според владините барања за промена на историјата, но не можете да ги смените гените и крвта која тече во нашите вени! Буквално, во нашите вени тече историјата на Македонија!

Бидејќи многу добро знам што значат нашите резултати, можам да ви потврдам дека имам феноменални резултати кои би одекнале во македонската и научната јавност како атомска бомба, но тоа не ми е целта и затоа сум многу внимателен. Факт е дека поради комплексната ситуација во Македонија, резултатите ќе предизвикаат далекосежни последици. Затоа, многу внимавам да не се обои и политизира истражувањето. Целокупното истражување и резултатите ќе бидат објавени наскоро, кога целиот научен процес ќе заврши на највисоко можно научно ниво. Морам да напомена дека апсолутно во никој случај нема да дозволам политиката да се меша во науката, за што веќе имаше обиди.

 

Текстот во целост на: vecer.press

фото: vecer.press