Ковачевски: Со „Отворен Балкан“ преземаме конкретни чекори за заеднички да се справиме со кризата со енергенси и храна

Во рамки на денешниот Самит „Отворен Балкан“, премиерот Димитар Ковачевски заедно со лидерите од регионот, одржаа прес-конференција за медиуми, на која што лидерите од регионот испратија порака дека како држави и како влади, се солидаризираме и во заедничко справување со предизвиците во претстојниот зимски период, пред коишто е соочен целиот свет.

Во продолжение е интегралното обраќање на премиерот Ковачевски на прес-конференцијата:

„Денес беше многу важен ден за регионот.

Од овој Самит на Отворен Балкан, ние сите тука заедно испраќаме порака, дека, како држави и како влади, се солидаризираме и преземаме конкретни чекори за заеднички да се справиме со кризата во која се наоѓа Европа и во која се наоѓаат нашите земји. Зимата пред нас која доаѓа ќе е долга и ќе биде најтешка после Втора светска војна, како за нас така и за целиот свет. Но, ако судам по сите разговори денес, подобро да ја пребродиме заеднички отколку секој да ја пребродува самостојно.

Тоа е суштината на Отворениот Балкан, поврзување, солидарност, добрососедство, сѐ во функција на подобрување на животот и стандардот на граѓаните. Тоа го имаме на ум и во овие кризни времиња, но тоа не е нешто ново за нас, ние веќе, како добри соседи си помагавме и во време на КОВИД кризата, но и во време на катастрофи кои се случуваа во нашите држави. Тоа е природно, да се свртиме кон оние кои ни се најблиску и да работиме заедно за добробит на сите наши граѓани.

Соработуваме тесно за да обезбедиме достапност на храна и да договоривме прво меѓу себе да си помогнеме, доколку се соочиме со недостиг на домашните пазари, како последица од глобалната криза. Тука станува збор за основните прехранбени производи за кои нема да имаме забрани за тргување. Ќе овозможиме нивен стабилен и непречен проток, без никакво ограничување. Дури и да поставиме забрана за извоз, таа нема да важи за земјите од Отворен Балкан.

Ние како Влада, во Северна Македонија веќе долго време работиме на зголемување на домашното производство на храна, но ова кое денес го постигнавме преку потпишувањето на Договорот за соработка и воспоставувањето механизми за обезбедување на храна, гледаме пошироко и настапуваме како регион кој се грижи за своите граѓани и даваме алтернатива во решавањето на егзистенцијални прашања во овие тешки времиња.

Ова е едно од неколкуте решенија меѓу добрите соседи.

Со иницијативата Отворен Балкан покажавме дека Северна Македонија, Србија и Албанија го направија вистинскиот чекор, во клучен момент. Заеднички решавајќи ги суштински прашања. И денес, исто како и вчера со отворањето на првиот меѓународен саем на вино храна и туризам, на кое овозможивме поврзување, можност за развој на регионалната и домашните економии, како и просперитет на регионот.

Овој саем немаше да биде можен доколку решивме да го правиме сите поединечно. Немаше да изгледа како најдобар саем било кога направен во Европа и пошироко туку напротив, тоа ќе беа веројатно мали изложби на вина кои ќе се случеа во три поединечни држави. Затоа сакам да се заблагодарам на сите кои учествуваа во реализацијата на овој саем. Особено да се заблагодарам на домаќините, на Република Србија, претседателот, премиерот и нивните тимови кои овозможија тоа да се случи тука во Белград.

Покрај нашите конкретни чекори за решавање на загрижувачкиот проблем со недостаток на храна со кој потенцијално се среќава светот, ние денес се согласивме и за уште едно важно прашање, а тоа е соработката во енергетика и справувањето со енергетската криза.

Пред сѐ, ќе ги подобриме условите за меѓугранична трговија со електрична енергија. Тука, разговараме во насока на можноста да се оствари соработка помеѓу српската берза на електрична енергија и македонскиот оператор на организиран пазар на електрична енергија.

Сакам да истакнам дека Република Северна Македонија ги ангажира сите капацитети за производство на енергија, домашното производство треба да ги покрие 100% од регулираниот пазар.

На тема енергија од обновливи извори, сакам да посочам дека она што ние го имплементираме во моментов на домашен план, како искуство може да се искористи на регионално ниво и за тоа постојат многу точки од интерес за сите земји од регионот.

Консолидацијата на електро системите на било која држава особено со капацитетите финансиски со кои располагаат нашите три држави практично е невозможно доколку секоја држава го прави поединечно. Но, доколку заеднички работиме на среден и долг рок во однос на воспоставување на нови производствени капацитети на електрична енергија, особено на базна енергија и особено на енергија од обновливи извори на енергија, тогаш ќе направиме многу побрзо и многу повеќе заедно за државите и за сите граѓани во нив.

Ние како Влада на Република Северна Македонија ги ставаме во функција сите енергетски потенцијали, но како што истакна и претседателот Вучиќ, ако ние имаме производствени капацитети истовремено имаме и недостаток на суровини за производство на електрична енергија кои ги има или во Србија или во Албанија и затоа оваа регионална соработка е исклучително значајна.

Ние веќе имаме договор за соработката во заштитата од катастрофи за Западен Балкан за државите да можат да си помагаат, согласно расположливите капацитети. Но сега ги олеснуваме процедурите и го скратуваме времето потребно за распоредување помош, таму каде што е најпотребна, а се интензивира соработката и во намалувањето на ризиците од катастрофи.

Се обврзавме и заеднички да поттикнеме инвестиции во кинематографскиот и аудиовизуелниот сектор, како и за ангажирање уметници и филмски професионалци од Западен Балкан, со тоа што ќе го олесниме и поврзувањето меѓу нив.

Ваквото поврзување на регионот кое го имавме денес, но и вчера на Саемот е чекор напред кон остварување на нашата заедничка цел за економска соработка и окрупнување на нашата понуда кон европските и светските пазари, а со тоа и поголема конкурентност и реални шанси во обезбедувањето подобар животен стандард за граѓаните.

Поединечно доколку настапуваме на светскиот пазар и пред светските инвеститори сме послаби, меѓутоа доколку постапуваме заедно тогаш и шансите за привлекување на странски директни инвестиции во регионот се многу поголеми, а исто така е поголема и можноста за задржување на постојните странски инвеститори од големите индустрии да останат тука во регионот при нивното ширење.

Затоа и потенцијалите за поврзување на регионот и во оваа насока беа една од точките на интерес на денешната средба за што мислам дојдовме до согласност дека заеднички ќе работиме на соработката и можностите за да постигнеме развој во оваа насока.“

извор: Влада

фото: Влада