Дали ВМРО ДПМНЕ ќе бара престанок на Договорот со Бугарија? Попладнево седница на Извршниот Комитет

0
312

ВМРО-ДПМНЕ за денеска доцна попладне закажа седница на Извршниот Комитет, на која ќе се носи одлука во однос на најавениот предлог за референдумско изјаснување, дознава ДВ од извори во партијата. Како што објаснуваат, одлуката ќе се однесува на пакетот услови кои станаа дел од преговарачката рамка, а ги отсликуваат бугарските максималистички барања. Лидерот на партијата, Христијан Мицкоски, кој летово почна широки и темелни консултации за ова прашање најави дека тие ќе завршат до крајот на август, а сега од паријата потврдуваат дека тој процес е завршен.

„Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Мицкоски отвори процес на широки консултации при што беа консултирани внатрешните органи на партијата, повеќе професори и експерти по уставно право, а имаше и широки консултации со академската јавност и коалициските партии за што доби и поддршка за самата иницијатива. Она што за ВМРО-ДПМНЕ е пречка, е членот 5 од преговарачка рамка што се потпира на протоколот, кој пак ги содржи сите спорни делови од Договорот за пријателство, добрососедство и соработка помеѓу Бугарија и Македонија, кој го склучија Заев и Борисов“, велат од ВМРО ДПМНЕ.

Договорот меѓу Скопје и Софија е потпишан на 1-ви август 2017 година, а влезе во сила во јануари 2018 година со Законот за негова ратификација.

„Изворот и коренот на проблемите се наоѓа токму во овој Договор кој поставува фундамент на бугарските позиции, од кој подоцна произлегува и преговарачката рамка и членот 5. ВМРО-ДПМНЕ не ги спори и ги поддржува аспирациите за интегрирање на Македонија во ЕУ, но она што е неприфатливо се бугарските барања за промена на историјата, идентитетот, јазикот и културата. Токму затоа, размислувањата во ВМРО-ДПМНЕ за кои ќе се дискутира на вечерашниот Извршен Комитет, се на референдум да се побара престанок на важноста на овој Договор со кој се поставија фундаментите за бугаризација и обезличување на Македонија“, потенцираат од партијата.

извор: DW