Продажбата на ноќната вишок струја е законска, но сомнителна

Вишоците на струја државата треба да му ги понуди на стопанството и на општините, а не да ги продава по евтина цена за една фирма да направи профит, вели професор Константин Димитров. Тој додава дека државата продава и струја произведена од хидро-потенцијалите, наместо да ја штеди.

Со професор Константин Димитов разговараме за тоа како Македонија ги продава вишоците на струја, откако лидерот на опозицијата Христијан Мицкоски деновиве го обвини раководството на државната енергетска компанија ЕСМ/ЕЛЕМ за корупција преку продажба на ноќни вишоци на стуја во Албанија. Директорот на АД ЕСМ Васко Ковачевски одговори дека продажбата била направена транспарентно на јавна аукција.

Мицкоски тврди дека македонската државна енергетска компанија ЕСМ/ЕЛЕМ продавала ноќни вишоци на струја на албанската државна енергетска компанија КЕШ, а дека продажбата се случувала преку поврзаност на ЕСМ/ЕЛЕМ, албанската државна компанија КЕШ, компанијата ЕТМТ Енерџи ДООЕЛ Скопје и компанијата од Тирана ЕНЕРТРЕЈД.

Според Мицкоски, ЕСМ/ЕЛЕМ распишало оглас за продажба на ноќни вишоци на струја за периодот од 30 август до 6 септемви, од 2 до 7 часот наутро во вкупна количина од 2.000 мегават часови (MWh), а истовремено албанската државна компанија КЕШ распишала оглас за набавка на струја за периодот од 29 август до 4 септември за количина од 2.100 мегават часови. ЕСМ/ЕЛЕМ ноќните вишоци на струја и ги продала на компанијата ЕТМТ Енерџи ДООЕЛ Скопје за 350 евра за мегават час, а албанската државна компанија КЕШ струјата ја купила за 525,55 евра по мегават час, како што вели Мицкоски. Тој додава дека со тоа била направена разликата од околу 10.800.000 денари и за оваа сума биле оштетени граѓаните на Македонија.

Директорот на АД ЕСМ Васко Ковачевски одговори дека компанијата ги продава ноќните вишоци, бидејќи АД ЕСМ има обврска да произведува струја 100 проценти за ЕВН Хоум, да ги покрива загубите во системот и дека поради тоа во моментов се вклучени сите капацитети кои АД ЕСМ ги има на располагање. Ковачевски вели дека во моментот кога се случува помало конзумирање од страна на потрошувачката на ЕВН Хоум, а истовремено се вклучени сите капацитети на РЕК Битола и двата блока на ТЕЦ Неготино, се појавувале вишоци на струја од 2 до 7 часот науторо со инсталирана моќност од 50 мегават часови и дека АД ЕСМ морала да ја произведе оваа енергија, затоа што биле вклучени сите капацитети и дека нема техничка можност да се намалат или да се исклучат овие капацитети, бидејќи нивното повторно вклучување ќе трае 12 или 24 часа.

Ковачевски вели дека енергијата која се продава на јавна аукција од 2 до 7 часот, АД ЕСМ може да ја продава по одредени цени кои, како што вели, кои индикативно ги дава берзата УПЕКС, а дека цената ја формираат врз основа на добиените понуди, а ноќните вишоци што ги продава ЕСМ се на слободниот пазар и може да ги купи било кој што ќе понуди највисока цена.

Г-не Димитров, опозицијата деновиве обвинува дека ноќни вишоци на струја купена за пониска цена во Македонија се продава поскапо во Албанија и дека со тоа се оштетени грѓаните во Македонија. Дали такво нешто е можно?

Можно е, бидејќи кога некој ќе излезе да нуди на пазарот вишок на електрична енергија се јавуваат купувачи. Е сега, во даден момент, веројатно многу брзо, се јавува еден купувач којшто има своја фирма во Македонија, купува струја на пазарот и си ја продава на својата фирма во Албанија за од 30 до 50 проценти повисока цена, што е законски дозволено. Но, прашањето е како ние во државава каде што прогласуваме енергетска криза и велиме сите да ги исклучуваат светилките навечер за да се штеди енергија и кога се вели дека општините имаат проблем да ги платат сметките за уличното осветлување, а ние имаме вишок сопствена енергија, која ајде да не кажам не знаме што да правиме со неа, односно ја продаваме многу евтино за првиот што ќе се јави. Сомнително е тоа што тој првиот што се јавува, веднаш ја продава струјата и не навлегувам колку време имал за тоа и каков е тој јавен повик, кога бил даден и како е направен. Но, сомнително и чудно е еден исти човек, кој е сопственик на двете компании, по 50 проценти во Македонија и во Албанија, го добива тоа и прави промет. Многу е чудно што државата, таа повеќе произведена електрична енергија во ноќниот период не ја пренасочи кон ЕВН, која што се грижи за снабдување со осветлување во општините, за да им се намалат нивните трошоци, бидејќи се мачат да ги покријат од своите лимитирани буџети. Второ, зошто тој вишок на електрична енергија не се продаде по таа цена на нашите стопански организации, а имаме ние стопански организации кои работат ноќно време и кои би се пријавиле да ја превземат. Трето, што за мене исто така е чудно, е што во ноќните часови, после 22 часот, јас имам увуд дека на 30 и 31 август, за септември нема податоци, ние трошиме по 200 мегават часови хидро-енергија и која ја продаваме. Наместо да ја оставиме во нашите хидро-потенцијали и акумулации. Хидро-енергијата не ја штедиме, а потоа ја продаваме евтино за некој да направи профит.

 

Радио Слободна Европа