Мицкоски ја поднесе иницијативата: Ја повикувам власта да се охрабри и да ги потврди своите политики на предвремени парламентарни избори заедно со референдумот

Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски денеска во Државната изборна комисија (ДИК) поднесе иницијатива за Референдум. Мицкоски очекува денеска во подрачните канцеларии на ДИК да бидат собрани сто потписи за таа да биде доставена до Собранието по националниот празник. Тој, како што кажа, ќе биде меѓу првите потписници во подрачната канцеларија на ДИК во Карпош, како и пратениците од ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата.

Мицкоски го кажа редефинираното од вчера референдумско прашање: Дали сте за престанок на важењето на Законот за ратификација на Договорот за пријателство, добрососедство и соработка на Република Македонија и Република Бугарија објавен во Службен весник на Република Македонија број 12/2018 од 18. 01. 2018 година? Доколку референдумот се случи, додаде тој, граѓаните ќе имаат можност да се изјаснат со „за“ и на тој начин престанува да важи овој договор со Бугарија или „против“ односно останува да важи овој договор со Република Бугарија. Ги повика граѓаните без разлика на нивната етничка припадност да го поддржат референдумот.

– Ја користам оваа прилика да ги повикам сите политички партии, да ги повикам граѓаните без разлика на нивната етничка припадност, без ралика дали поддржуваат една или друга политичка опција или се партиски неопределени, ја користам оваа прилика да ги повикам сите општествени чинители, невладини организации, сите поединци да се обединат во едно општествено семакедонско обединување и да застанат против тоа кое што претставува главен пробчлем на нашата европска интеграција, а тоа е Договорот што го има потпишано Република Македонија со Република Бугарија и затоа кога ќе се случи овој референдум да излезат масовно и да гласаа „за“ престанок на важноста на Законот со којшто овој Договор е ратификуван во рамките на Парламентот, изјави Мицскоски.

Лидерот на опозициската партија одговарајќи на новинарско прашање за можни опструкции, рече дека се очекува имајќи го предвид, како што наведе, „карактерот на хибридниот режим којшто во моментот е парламентарно тенко мнозинство“.

Мицкоски ја коментираше изјавата на претседателот Стево Пендаровски во која вели дека со овој референдум ние всушност би ги прекинале преговорите со ЕУ, посочувајќи дека тој често пати прави „политичка гимнастика во сопствените изјави“ и оти од ден на ден покажува дека не е достоен да ја извршува функцијата претседател.

-Се сеќавате, тој истиот Стево Пендаровски дури и сугерираше референдумско прашање и во една своја изјава кажа дека е тоа легитимен чин ако не се лажам па потоа направи една гимнастика и се повлече од сето тоа за да денеска е најголем плукач на референдумското изјаснување. Ако сака да биде претседател на сите граѓани ќе мора да ја почитува и волјата на оние граѓани коишто се определуваат за опозицијата и коишто имаат различно мислење од власта. Јас навистина жалам што од ден на ден Стево Пендаровски потврдува дека не е достоен да ја извршува функцијата која што ја извршува, а тоа е претседател на сите граѓани и жалам што овој човек ќе има уште малку можност да биде таму каде што е, рече лидерот на ВМРО-ДПМНЕ.

Според него, одржувањето на референдумот е одлична можност заедно со него на еден трошок да се организираат и предвремени парламентарни избори.

-Ја повикувам власта, парламентарното мнозинство да покаже демократски карактер, да се охрабри и да ги потврди своите политики на предвремени парламентарни избори коишто би се случиле заедно со референдумот, рече Мицкоски.

Прашан за тоа каков е планот на ВМРО-ДПМНЕ за референдумот објасни дека денеска треба да се соберат минимум 100 квалификувани граѓански потписи и во петок преку ДИК да биде доставена оваа граѓанска иницијатива до спикерот во Парламентот.

-Потоа следниот чекор е да тој веднаш ги достави до две собраниски комисии, а тоа е Комисијата за политички систем и Законодавно-правната комисија коишто ќе одлучуваат дали иницијативата граѓанска е уредна или не е, рече Мицкоски.

Уште еднаш потенцира дека претстои тешка есен, а уште потешка зима. Веќе, како што кажа, има паника меѓу граѓаните.

-И доколку не се вразуми оваа вообразена власт и доколку не седне и вистински мерки да предложи тогаш навистина очекувајте катаклизмични резултати оваа есен и уште покатаклизмични резултати оваа зима, рече Мицкоски.

извор: ВМРО ДПМНЕ