Претседателот на Владата на Република Северна Македонија, Димитар Ковачевски, придружуван од заменичката на претседателот на Владата задолжена за добро владеење, Славица Грковска и од министерот за внатрешни работи, Оливер Спасовски, се сретна со претседателот на Италијанската Република, Серџо Матарела.
На состанокот се потврдени искреното пријателство и добрите релации помеѓу двете земји, со активен дијалог во билатералните односи, како и од значење за демократскиот развој на нашата држава.
На средбата е истакната јасната позиција на Италијанската Република дека проширувањето на ЕУ со земјите од Западен Балкан мора да продолжи, што се покажува неопходно и во рамки на глобалните, актуелни случувања. При тоа е нагласена улогата на нашата држава во регионот, како земја којашто ги решава предизвиците низ храбро лидерство, трпение и мудрости и е најавена голема поддршка од Италија и во натамошниот процес на европските интеграции на Северна Македонија, со цел забрзана динамика до полноправно членство во ЕУ.
Премиерот Ковачевски се заблагодари за големата поддршка што ја дава Италија на Северна Македонија во трите децении од воспоставените дипломатски односи, во евроатлантските интеграции и посебно во рамки на процесот со којшто, по 17 години, конечно започнаа преговорите со ЕУ.
Претседателот на Владата, Ковачевски, истакна дека нашата држава се постави стопроцентно и навремено на линија на политиките на ЕУ, во однос на војната во Украина, дека применува европски вредности и дека заслужува да биде дел од Европската Унија.
На состанокот е разговарано и за други актуелни прашања, посебно околу справувањето со предизвиците за обезбедување енергија, со коишто се соочуваат Европа и светот. Во таа насока е изразена заедничка согласност дека е неопходно ЕУ тесно да соработува и со државите од Западен Балкан, коишто треба да бидат земени предвид при можните решенија.
Премиер Ковачевски, на средбата, ја нагласи и важноста на соработката на Северна Македонија и Италија во областа на културата, одбраната – како две држави членки на НАТО, трговијата и инвестициите, а заедно со вицепремиерката Грковска и министерот Спасовски, беше оценета како значајна соработката во областа на борбата против корупцијата, превенцијата и владеењето на правото. При тоа е изразен интерес за нов импулс во економската соработка, посебно во делот на обновливите извори на енергија.
извор: Влада
фото: Влада